УНИЦЕФ предупредува: Децата во Газа ќе почнат да умираат од жед

25
EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Појасот Газа се соочува со недостиг од вода за пиење поради колапс на водоводните системи, соопшти денес Детскиот фонд на Обединетите нации, УНИЦЕФ. Портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер, им изјави на новинарите во Женева дека само 40 проценти од капацитетите за производство на вода за пиење во Појасот Газа се сè уште функционални, објави Ројтерс.

Елдер предупреди дека доколку нешто не се промени, децата во Газа ќе почнат да умираат од жед.

УНИЦЕФ претходно предупреди дека неухранетоста кај децата во Појасот Газа расте со „алармантна брзина“, додека Израел продолжува да го блокира влезот на поголемиот дел од хуманитарната помош.

Во соопштението се вели дека само во мај, 5.119 деца од Појасот Газа, на возраст меѓу шест месеци и пет години, биле примени на лекување од акутна неухранетост, објави Ал Џезира. Ова е зголемување од речиси 50 проценти во споредба со бројот на деца примени поради неухранетост во април.

„За само 150 дена, од почетокот на годината до крајот на мај, 16.736 деца, во просек 112 деца дневно, беа примени на лекување од неухранетост во Појасот Газа“, изјави Едуар Бегбедер, директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка.

Тој истакна дека „секој од овие случаи може да се спречи“. Бејгбедер рече дека Израел мора итно да дозволи испорака на обемна помош за спасување животи низ сите гранични премини, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ