Унгарскиот производител на автобуси „Икарус“ разгледува услови за отворање фабрика во Технолошко-индустриските развојни зони. Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, вчера во Скопје разговараше со Тамаш Бенконс од „Икарус“ и како што објавија оттаму, на средбата биле разгледани можностите за развој што ги нудат Македонија и ТИРЗ како атрактивна локација за странски директни инвестиции, како и бројните поволности во рамки на зоните.

Оттаму додаваат дека Димовски посочил оти главна цел на Дирекцијата за ТИРЗ е што поголем економски развој преку инвестиции кои носат висока додадена вредност за целата држава, со отворање нови работни места и зголемување на извозот. Во таа насока, тој истакна дека компании како „Икарус“, светски признат бренд, претставуваат значаен потенцијал за дополнително зајакнување на зоните.

– Од страна на Тамаш Бенконс, земајќи ја предвид стабилната бизнис-средина, беше изразена заложба за нови инвестиции во државата, односно во рамки на ТИР-зоните. Тие ги истакнаа стратешките цели на компанијата насочени кон воведување иновации, унапредување на производствените процеси и развој на технолошки решенија кои овозможуваат поголема ефикасност и одржливост, посочувајќи ја Македонија како атрактивна дестинација за инвестирање – посочуваат од Дирекцијата на ТИРЗ.

Компанијата „Икарус“ е основана во 1895 година и е пионер во унгарското производство на автобуси, со повеќе од еден век инженерска експертиза. Со визија за јавен превоз со нулта емисија, максимизирање на употребата на обновливи извори на енергија и минимизирање на еколошкиот товар од производствената технологија, денес, „Икарус“ е во првите редови на технологијата за електрични возила, произведувајќи одржливи автобуси кои им служат на заедниците ширум светот.

ИЗДВОЕНИ