Година и пол пред локалните избори, Владата одобри 112 милиони евра за општински инфраструктурни проекти, со што драматично ги зголеми локалните буџети и капиталните расходи. Парите се делеа во две транши, втората – неколку месеци пред изборите, додека по нив следуваше тивки, но драстични кратења. Анализата на Центарот за граѓански комуникации покажува нерамномерна распределба, слаб развоен ефект и сериозни сомнежи дека јавните средства биле користени во изборен контекст
Во периодот од октомври 2024 до октомври 2025 година, Владата реализираше една од најобемните интервенции во локалните буџети во последнава деценија, одобрувајќи вкупно 111,7 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините, од средствата обезбедени преку т.н. унгарски кредит. Средствата беа доделувани преку шест ресорни министерства и формално беа насочени за капитални и „развојни“ проекти во единиците на локалната самоуправа.
Иако официјално беа претставени како поддршка за рамномерен локален развој, анализата на динамиката на одлуките, нивното временско позиционирање во однос на изборниот календар, распределбата по општини и последователните буџетски кратења по изборите, која ја спроведе Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), отвора сериозни прашања за политичкиот контекст, одржливоста и за реалната развојна вредност на овие трошења.
Две одлуки, еден изборен циклус
Првата владина одлука за распределба на средства беше донесена на 16 октомври 2024 година, точно една година пред локалните избори. Со неа беа одобрени 71,1 милион евра за 288 инфраструктурни проекти, избрани на претходно објавен јавен оглас. Пари добија речиси сите општини, со исклучок на три: Град Скопје, Струмица и Сарај.
Втората одлука следуваше на 1 јули 2025 година, односно неполни три и пол месеци пред изборите. Со неа беа одобрени дополнителни 41,4 милиони евра за дури 828 проекти, а во август таа година сумата беше коригирана на 40,5 милиони евра. Иако значително помала по износ од првата, оваа транша опфати речиси трипати повеќе проекти. Од неа, средства добија сите општини, освен Град Скопје.
Во периодот меѓу донесувањето на одлуката и распишувањето на изборите на 9 август 2025 година, речиси сите општини направија измени на своите програми и буџети за да ги вметнат одобрените проекти. Со тоа, тие создадоа формална основа за интензивно трошење и за реализација на инфраструктурни зафати токму во месеците непосредно пред изборите.
Иако во 2024 година беа одобрени проекти во вредност од 71 милион евра, во буџетот за таа година Владата „резервираше“ само околу 15,5 милиони евра. Реалната потрошувачка беше уште поскромна – само 345 илјади евра, што претставува околу 0,5 % од одобрените средства.
– Поради тоа, најголемиот дел од средствата наменети за 2024 година беа префрлени и споени со проектите за 2025 година. Во буџетот за 2025 година, Владата планираше 102 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините, иако вкупната вредност на веќе одобрените проекти изнесуваше околу 112 милиони евра – се вели во анализата.
Понатаму се наведува дека непосредно по завршувањето на локалните избори, во декември 2025 година, следувал радикален пресврт. Со одлука на Собранието за прераспределба на средствата во централниот буџет, планираните 102 милиони евра за општински инфраструктурни проекти за 2025 година беа намалени на 43,6 милиони евра – кратење од над 58 милиони евра, односно повеќе од половина од првично планираните средства.
Кратењата продолжија и со буџетот за 2026 година. Наместо првично предвидените 70 милиони евра, за оваа година се одобрени само 41,5 милиони евра. Истовремено, средствата за 2027 година се намалени од 77,5 на 63,3 милиони евра.
– Со овие корекции, првично најавените 250 милиони евра за инфраструктурни проекти од унгарскиот кредит се сведоа на 149 милиони евра. Овие драстични кратења поминаа со значително помало јавно внимание и без детални образложенија, за разлика од интензивната јавна промоција на проектите во предизборниот период – се забележува во анализата.
Нееднаква распределба на средствата
Распределбата по општини покажува значителни диспропорции. Четири општини добија повеќе од пет милиони евра секоја: Битола (5,6 милиони евра), Тетово (5,5 милиони), Куманово (5,3 милиони) и Аеродром (5,3 милиони евра), а веднаш зад нив е Прилеп со 4,4 милиони евра.
– Од друга страна, Град Скопје не доби ниту еден евро од двете транши, што претставува преседан ако се земе предвид бројот на жители и улогата на главниот град – велат од ЦГК.
Гледано по жител, највисоки износи се одобрени за Демир Капија (99 евра), Желино (82 евра), Свети Николе (79 евра), Градско (78 евра) и за Кратово (76 евра). Најмалку средства по жител добиле Град Скопје (0 евра), Струмица (16 евра), Сарај (23 евра), Центар (41 евро) и Кичево (49 евра).
Анализата на содржината на проектите покажува дека само 11 од вкупно 1.116 одобрени проекти, што е помалку од 1 %, може директно да се поврзат со подобрување на условите за живот и работа на жените, младите и на маргинализираните групи. Од овие 11 проекти, 10 се насочени кон младите, еден кон маргинализираните групи, а ниту еден директно кон жените. Вкупната вредност на овие проекти изнесува 4,3 милиони евра или околу 3,8 % од вкупната вредност на одобрените средства. Вакви проекти имаат само девет општини.
Буџетска инфузија во изборна година
Од ЦГК потенцираат дека иако јавните набавки не биле предмет на детална тендерска анализа, во повеќе општини се забележува доминација на мал број фирми што добиле повеќе договори. Дополнителен проблем претставуваат роковите: за многу проекти рокот за изведба беше до крајот на 2025 година, односно до самиот изборен период, додека е предвидено плаќањето да се врши во период од три години – од 2025 до 2027 година. Ова, според ЦГК, отвори дилеми за финансиската одржливост на проектите и за товарот што го преземаат изведувачите, кои треба да ги финансираат работите однапред, а наплатата да ја чекаат со години.
– Ефектот врз локалните буџети беше драматичен: во 2025 година капиталните расходи на општините во просек се зголемија за 92 % во однос на 2024 година, вкупните буџети пораснаа за околу 36–37 %, а јавните набавки во 2024 година се зголемија за 40 % во споредба со 2023 година – потенцираат од Центарот за граѓански комуникации.
Фискалниот совет уште во јуни 2025 година предупреди дека постои ризик да се протолкуваат овие зголемени дотации како популистичка мерка пред избори, како и ризик дел од средствата да не бидат искористени целосно или ефикасно поради изборниот процес. Слична загриженост изразија и меѓународните мисии што ги набљудуваа локалните избори во 2025 година, укажувајќи на перцепции и случаи на можна злоупотреба на јавните ресурси во изборен контекст.
(С.Бл.)












