Унгарија и Словачка ќе ја оспорат одлуката за забрана на снабдувањето со руска нафта и гас, која Европската комисија има намера да ја стави на гласање следната недела, пред Судот на правдата на Европската Унија, објави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Брисел сака следната недела да стави на гласање забрана за увоз на руска нафта и природен гас во Европа, што ќе го спречи сигурното снабдување со енергија на нашата земја и Словачка, а исто така ќе доведе до нагло зголемување на цените“, напиша Сијарто на Фејсбук, пренесува „Тас“.
Тој нагласи дека ова е „голема правна измама, бидејќи станува збор за санкции што можат да се усвојат само едногласно“.
Според него, намерата на Европската комисија да прифати мнозинска, наместо задолжителна едногласна, одлука за забрана на снабдувањето со нафта и гас од Русија „целосно е во спротивност со Договорот за Европската Унија“.
Тој, исто така, потсети дека Договорот за Европската Унија наведува дека „енергетската политика е национална одговорност“.
„Затоа, заедно со Владата на Словачка, веднаш ќе поднесеме жалба до Европскиот суд на правдата по усвојувањето на оваа одлука и ќе побараме таа да биде суспендирана до судењето“, рече Сијарто.












