Македонската сениирска кошаркарска репрезентација загуби на гостувањето кај Унгарија со 96:58 во втората рунда во претквалификациите за Светското првенство во 2027 година, па битката за следна фаза ќе биде многу тешка.

По домашниот пораз од Романија, подмладениот тим на Марјан Илиевски не успеа да дојде до бодови на теренот во Шолнок. Имавме крајно лош ден, ривалот беше надмоќен и ја запиша првата победа во претквалификаациите, наспроти нашиот национален тим кој го доживеа вториот пораз. Воедно, ова беше најтежок пораз во поновата историја, надминувајќи го оној со Шпанија, кога како гости во 2022 година загубивме со 80:44. Најтежок пораз во историјата ни е во 1993 година, кога против Хрватска во Вроцлав загубивме со 128:72.

Што се однесува до дуелот во Шолнок, париравме само една четвртина. По десет минути игра беше 19:18, а потоа почна распадот. Кобна беше серијата на Унгарците на отворањето на втората четвртина, со која избегаа на 35:18. Разликата потоа константно беше двоцифрена, се движеше до дваесет поени, а во последниот период Унгарија имаше и +40 (94:54).

„Очекував овој натпревар да биде малку поинаков бидејќи мислам дека овие 38 разлика се премногу во однос на квалитетот на двете репрезентации. Мислам дека нашите кошаркари премногу ги респектираа Унгарците и тука треба да се бараат причините за нашиот пораз. Одигравме добра четвртина, но противникот беше исклучително расположен за шут. Погоди 15 тројки со 40% шут од дистанца. Екипата поседува квалитет и денеска беше мошне мотивирана за победа пред своите навивачи кои дадоа голема поддршка.

Задоволен сум од младите кошаркари и се надевам дека во иднина ќе играме многу подобро, но ни останува да се подобруваме, во секој поглед. Верувам дека во иднина ќе се надградуваме, а она на што треба да обрнеме внимание е дека кога резултатот оди во негатива, да не бараме брзи решенија, бидејќи така само се продлабочува кризата. Јас им давам поддршка на играчите, тие двааат максимум, но евидентно е дека се уште недостасува искуство“, изјави селекторот Марјан Илиевски.

Најдобар стрелец на мечот кај Унгарија беше Марсел Понго со 15 поени, а Герго Мелег имаше 13 поени. Кај Македонија, Џејкоб Вајли имаше 15 поени, пред Андреј Магдевски со 11 поени, а двоцифрен беше и Тео Симиќ со 10 поени.

Следен меч во претквалификациите за Македонија е на гостински терен кај Романија на 13 август. Овој дуел мора да се добие, за да се има можност за некакви калкулации во битката за едно од двете места кои водат во следната фаза од претквалификациите за СП 2027.

 

ИЗДВОЕНИ