Од Кичево до граничниот премин Ќафасан, изградбата на пругата треба да започне од нула. Во моментов, во овој регион се работи само на изградба на автопатот Кичево – Охрид. Иако договорот со „Бехтел и Енка“ е за изградба на четири автопатски делници (Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола и Требеништа –Ќафасан), последниот не е почнат затоа што неговата изградба е дел од извештајот на УНЕСКО за Охридскиот Регион.
УНЕСКО остро се спротивстави и за трасата на пругата Кичево – Лин според проектот од 2017 година, кој предвидуваше дел да поминува покрај Охридското Езеро. Оттаму предупредија дека Охридското Езеро може да се најде на списокот на загрозено светско природно наследство доколку на неговиот брег се гради железничка инфраструктура. УНЕСКО, со цел да се избегне оштетувањето на Охридското Езеро од железничката инфраструктура, предложи железничката маршрута да помине низ алтернативен тунел од Струга до албанскиот град Прењас, под планината Јабланица. Од Владата тогаш пресметаа дека нов железнички тунел би чинел дополнителни преку 100 милиони евра во однос на проектираната сегашна вредност на пругата Кичево – Лин
Македонија и Албанија имаат добра соработка за реализација на железничко поврзување меѓу двете земји. Стопанствениците веќе со години наназад алармираат дека е неопходно железничко поврзување со Албанија што ќе биде од значење за вкупната економија. Во моментов, од македонската страна се само најавите дека ќе се започне со подготвителни активности за целосна реконструкција, модернизација и електрификација на пругата од Скопје до Кичево. Од Албанска страна, пак, исто така ќе се модернизира пругата до границата со Македонија.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, деновиве најави дека засега плановите се да се направи целосна реконструкција, модернизација и електрификација на пругата од Скопје до Кичево, делница од Коридорот 8 по која одамна не поминуваат возови. Тој рече дека во прва фаза, преку Европската Унија ќе се обезбеди грант од 5,3 милион евра за физибилити студија, а носечка институција ќе биде Европската банка за обнова и развој која ќе избере Консултант за изработка на студиите согласно со највисоките европски стандарди. По изработката на анализите, во втора фаза ќе започнат работите на пругата.
– Во следните година и половина треба да работат на изработка на физибилити студија, еколошка студија и останатите студии. Кога ќе ги имаме овие документи, јасно ќе знаеме колку ќе чини проектот и на кој начин ќе биде реализиран. Јас очекувам по завршувањето на овие студии, градбата да трае некаде од 2 до 2,5 години, што значи дека некаде за 4 години од денес, треба да имаме комплетно реконструирана пруга од Скопје до Кичево, со убава и модерна сигнализација и електрифицирана, затоа што досега можеа да сообраќаат само дизел возови – рече Николоски.
Од македонска страна има пруга од Скопје до Кичево, а за да продолжи до албанска граница се чека насока од УНЕСКО околу трасата што е планирана да поминува покрај Охридското Езеро. Плановите се за пет до шест години да се има готов основен проект за пругата од Кичево до Лин преку Струга во должина од седумдесетина километри и со проценета вредност од околу половина милијарда евра.
Доизградбата на пругата кон Албанија кон која гравитираат општините Кичево, Другово, Дебарца, Охрид и Струга, поточно местата Брждани, Јудово, Сливово, Арбиново, Издеглавје, беше во изборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за периодот 2011 – 2015 година. Тогаш беа издвоени средства од државната каса за изработка на физибилити-студија, идеен проект и студија за влијание врз животната средина за целата делница и беше планирано да се обезбедат средства од меѓународни финансиски институции. Со прелиминарната студија, од понудените неколку варијанти беше избрана траса со должина од 62,5 километри.
Во анализата беше посочена изградба на едноколосечна електрифицирана пруга за брзини не помали од 100 км/час. Проектот за изградба на оваа пруга беше финализиран во ноември 2017 година, а освен изјавите на официјалните лица дека изградбата на оваа пруга ќе биде нивни приоритет, на терен не се случија конкретни работи. Проектот предвидуваше изградба на железничка инфраструктура во должина од 63 километри, 49 мостови и 13 тунели. По должината на делницата треба да има две главни и две помали станици.
Од Кичево до граничниот премин Ќафасан, изградбата на пругата треба да започне од нула. Во моментов, во овој регион се работи само на изградба на автопатот Кичево – Охрид. Иако договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ е за изградба на четири автопатски делници (Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола и Требеништа – Ќафасан), последниот не е почнат затоа што неговата изградба е дел од извештајот на УНЕСКО за Охридскиот Регион.
Проектот од 2017 година предвидуваше дел од пругата да поминува покрај Охридското Езеро, на што УНЕСКО остро се спротивстави. Оттаму предупредија дека Охридското Езеро може да се најде на списокот на загрозено светско природно наследство доколку на неговиот брег се гради железничка инфраструктура. УНЕСКО, со цел да се избегне оштетувањето на Охридското Езеро од железничката инфраструктура, предложи железничката маршрута да помине низ алтернативен тунел од Струга до албанскиот град Прењас, под планината Јабланица. Од Владата тогаш пресметаа дека нов железнички тунел би чинел дополнителни преку 100 милиони евра во однос на проектираната сегашна вредност на пругата Кичево – Лин.
Сега се чека заедно со УНЕСКО да се дефинираат трасите и на автопатот, но и на пругата за што, според процените, ќе бидат потребни најмалку шест години за да се изгради ваков инфраструктурен проект за да може да сообраќаат возови по новата пруга кон Албанија.
Од албанска страна, пак, ќе се модернизира железничката инфраструктура со европски грантови и заеми. Вкупно 90,5 милиони евра се насочени кон реконструкција на 34-километарската делница помеѓу пристаништето Драч и градот Рогожина – дел од Коридорот 8. Средствата вклучуваат 60,5 милиони евра во грантови од ЕУ од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и 30 милиони евра заем од Европската инвестициска банка (EIB Global). Проектот што се проценува на вкупна вредност од преку 121 милиони евра ќе добие дополнително кофинансирање од Европската банка за обнова и развој и е дел од првата фаза од целосната модернизација на 136-километарската пруга што ќе стигне до границата со Македонија.
Се гради во патната и во железничката инфраструктура
Во моментов, цела Македонија е едно големо градилиште, само во општините имаме преку 1.200 активни проекти поддржани од Министерството за транспорт и од Владата. Според вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, се работи на големи инфраструктурни проекти кои во моментов се градат преку ресорното министерството и ЈП за државни патишта. – Тоа се изградбата на автопатите Охрид – Кичево, сега работиме на Кичево – Букојчани, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово, Прилеп – Битола, како и други бројни што се работат во овој момент. Добро е што конечно завршуваат проектите и она што е најважно, ја враќаме самодовербата кај народот дека Македонија и Македонците се способни да водат големи проекти. Не е тоа само во патната инфраструктура, тука е и железничката инфраструктура, тука се аеродромите и авиолиниите, тука се обновливите извори за енергија. Да не заборавиме дека за помалку од една година успеавме целосно да завршиме во делот на процедури еден огромен проект кој треба да е инвестиција од половина милијарда евра – истакна Николоски.
(С.Бл.)