Можности за унапредување на бизнис-климата и создавање услови за нови инвестиции, била темата на денешната конструктивна средба на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, со претседателот на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Нухиу Алиу.
Од Општина Кисела Вода информираат дека двајцата соговорници ја потенцирале важноста на институционалната поддршка за стопанството, како и заедничките заложби за создавање поволна средина за развој на претпријатијата. Било истакнато дека добрата соработка помеѓу општината и бизнис-заедницата е клучен предуслов за економски раст, отворање нови работни места и задржување на младите во земјата.
-Како локална самоуправа, имаме јасна цел, да обезбедиме стабилна институционална поддршка за стопанството. Соработката со Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, може да овозможи побрзо да ги препознаеме потребите на бизнисите, да ја намалиме административната бариера и да креираме политики кои ќе резултираат со нови инвестиции и економски развој. Верувам дека заедно можеме да направиме значителен исчекор во создавање современа и конкурентна деловна средина – изјави Ѓорѓиевски по средбата.