Умреле две лами од редок вид, во Зоолошката градина  

188

Две лами од редок вид пцовисале во скопската Зоолошка градина. Ова на Фејсбук го напиша советникот Стефан Кирков од ВМРО-ДПМЕ. Според неофицијални информации што ги поседувал тој, ламите умреле викендов и според првичните резултати, како што вели тој, неофицијално од туберкулоза.

– Како се лекувани овие животни, дали и кој ги лекувал, ќе покажат патолошкиот наод и истрагата. Подолго време укажувам и апелирам дека во Скопје ЗОО нема стручен ветеринар и дека ветеринар е човек што дo пред една година беше аниматор на детски родендени. Не го спорам неговото образование, но за познавањето и искуството се сомневам и по сè што се случи, сите се сомневаме – напиша Кирков и праша кога ќе престане овој хорор и дали ќе има одговорност.

Од Зоолошката градина информираа дека во изминатиот период, заедно со Факултетот за ветеринарна медицина, лекувале лама што, иако било направено сè од медицински аспект и грижа, за жал, умрела.

– Обдукцијата и резултатите (со PCR-метода) кај оваа лама покажаа туберкулоза, во процес што е постар од пет години. За оваа болест кај животните нема лек, ниту постои вакцина, а често и со години заболените единки не покажуваат никакви симптоми. Веднаш, во соработка и советување со  Агенцијата за храна и ветерина, беа направени туберкулински тестови на сите лами. Секојдневно ја следиме нивната ситуација и се под медицински надзор – нагласија од Зоолошката градина, додавајќи дека ламите се домашни животни од фамилијата камили, кои потекнуваат од Јужна Америка.

Инаку, во Зоолошката градина умреа берберски овци, беа заклани коњи за храна, пцовисаа жирафите, слоницата, царскиот орел, лавот Жика, потоа ретките пржевалски коњи, а кај гуска лоцирана во езерцето во Зоолошката градина  беше утврден птичји грип, за што беа убиени 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, а Градината беше затворена за посетители 21 ден.

Од Зоолошката градина, пред два месеца, известија дека во 2023 година биле родени 40, а умреле 10 животни и дека во 2024 година се родиле 33 животни, а пцовисале 15. Вкупниот број родени животни за овие три години е 73, а на пцовисани е 25.

– Повеќето од умрените животни се единки што биле во длабока старост – соопштија тогаш од Зоолошката градина.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ