– Тиквешките поле и сонце, светлината на тиквешкиот пејзаж е темата на изложбата, а таа беше произлезена од празникот Свети Трифун, кој е празник и на Градот Кавадарци, но и од Свети Валентин, бидејќи постои дилема кај младите кој празник да го слават. Всушност, преку делата се слават и животот и љубовта и токму затоа од таа чаша полна вино излегува животот – кажа за весникот ВЕЧЕР уметникот Темков, чија изложба „Рапсодија во чаша полна љубов“ е поставена во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје
Ликовниот салон во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје вчеравечер беше претесен за сите оние што дојдоа да се насладат со уметноста на еминентниот македонски уметник, Владимир Темков. Токму неговите дела или, како што ги нарече академикот Влада Урошевиќ, „кавадаречката уметност“ беа распослани со сета своја убавина во овој простор, кој претставува предизвик за секој автор.
– Пред нас е уметникот што не ја крие својата увереност дека уживањето во животот е нешто што не треба да се заборави. Делата на Владимир Темков се исполнети со еден очигледен животен и творечки став, кој можеме да го наречеме продлабочен и осмислен хедонизам, свртеност кон ведрината и светлината, искажување дека уживањето ја потврдува смислата и ја обновува енергијата на постоењето. Темков го поврзувам со она што би го нарекол кавадаречка сликарска школа во македонското сликарство. Родната почва во многу случаи ја дефинира уметниковата слика на светот и поради тоа јас во првобитниот поттик на овие слики ги препознавам кавадаречките лозја, празникот на гроздоберот, славењето на виното и неговите занеси – кажа, меѓу другото, академикот Урошевиќ, секретар на Одделението за култура при МАНУ, на отворањето на изложбата насловена „Раподија во чаша полна љубов“. Тој пред присутните додаде и дека во делата на Темков постои тој дионизиски занес во огнометот од бои, во спонтаноста на гестот, во возбудливата вибрантност на цртежот.
– Навидум, овие слики се мошне блиски до апстракцијата, но само навидум, бидејќи ако подобро загледаме, на нив ќе го препознаеме микрокосмосот, на мозаикот што го сочинуваат растенијата, плодовите, ситните бобинки, крупните гроздови, инсектите и птиците. На сликите на Темков се слави природниот циклус на оплодувањето, раѓањето, созревањето, размножувањето… Стремежот кон растење, извишување… Ова е плодоносен хаос на пат да создаде космос, да се претвори во изблик што го најавува новиот отсјај… Низ овие слики ја читаме радоста на окото, радоста на раката на творењето и создавањето. Низ овие слики тој ни праќа покана за танц во земја во која земните сласти добиваат духовна димензија – посочи Урошевиќ.
А пред посетителите, како што кажа самиот автор, се претставени вкупно 81 дело акрил и масло на платно и картон, создадени во изминативе неколку години, но најголем дел во минатата година.
– Ова е значаен момент за мене и за моето творештво. Дали идејата е Свети Трифун или Свети Валентин, прослава или карневал, ќе ви објаснат самите дела, во дијалогот со нив. Виното со своите бои, црвена и бела, им дава живот на кавадарчани – кажа на изложбата авторот Владимир Темков.
Минатата година, тој беше добитник на државната награда „11 Октомври“ за животно дело, и тоа, како што истакна, било повод преку изложба да ја запознае јавноста со своето творештво.
– Тиквешките поле и сонце, светлината на тиквешкиот пејзаж е темата на изложбата, а таа беше произлезена од празникот Свети Трифун, кој е празник и на Градот Кавадарци, но и од Свети Валентин, бидејќи постои дилема кај младите кој празник да го слават. Всушност, преку делата се слават и животот и љубовта и токму затоа од таа чаша полна вино излегува животот, се слави љубовта. Инаку, мој вечен циклус се тиквешките житни полиња и птиците, кои се составен дел на тие житни полиња – додаде за весникот ВЕЧЕР уметникот Темков.
Тој посочи и дека редејќи ја оваа изложба, останале триесетина нови дела што не се претставени.
– Ова бара да бидат прикажани и тие, во некој период што следува. Затоа тие ќе бидат надополнети со нови дела за некое следно претставување – кажа Темков.
Со оглед на интересот што го предизвика овој уметнички настан, јавноста со нетрпение ќе чека и следното претставување на неговите дела.
Инаку, уметникот Владимир Темков, дипломиран професор по ликовна култура, е роден во Кавадарци, во 1959 година. На Факултетот за ликовни уметности, Отсек графика, дипломирал во класата на проф. д-р Трајче Блажевски. Магистерски студии, Отсек сликарство, има завршено на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, во класата на проф. Благоја Маневски. Темков е основач и организатор на меѓународната ликовна колонија „Кавадарци – Михајлово“ од 1996 година, како и на првата Ликовна колонија 1982, во рудникот `Ржаново во с. Мрежичко, Кавадарци. Претседател е на Друштвото на ликовни уметници на Кавадарци и потпретседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија од областа на ликовната уметност. Има учествувано на голем број ликовни колонии, симпозиуми, семинари… а има реализирано и околу сто самостојни изложби. (Д. Т.) Фото: Ѕ. Плавевски