„Главната работна тема на изложбата „Фемина 8/7 – Истокот и Западот“ е поврзувањето на културолошките тенденции на една жена во средината и општеството во кои таа живее и твори. Сите различни аспекти на егзистирање во една животна средина претставуваат влијателен фактор врз формирањето на ликовниот идентитет на една жена уметница“, вели уметницата Ирена Паскали по чија иницијатива е и реализирана соработката меѓу македонските и германските уметнички, која вроди со изложба во Кинотеката на Македонија
„Фемина 8“ препознатлив мултимедијален ликовен проект во кој досега учествувале над стотина ликовни уметници, овојпат насловен како „Фемина 8/7 – Истокот и Западот“, во галерискиот простор на Кинотеката на Македонија пред македонската јавност ги претстави 19-те дела на жени уметнички и тоа девет од Германија и десет од Македонија. Нивната соработка вроди со изложба, седма по ред, овојпат курирана од Јана Манева –Чупоска и Ирена Паскали, македонската уметница која живее и работи во Келн, Германија.
„Главната работна тема на изложбата е поврзувањето на културолошките тенденции на една жена во средината и општеството во кои таа живее и твори. Сите различни аспекти на егзистирање во една животна средина претставуваат влијателен фактор врз формирањето на ликовниот идентитет на една жена уметница“, вели уметницата Ирена Паскали со чија поддршка е и реализирана соработката, а која на изложбата се претстави со видеото „Добре дојдовте“.
Токму со германското здружение од Дизелдорф – „Продуцентска галерија План Д“, и се реализира оваа изложба која отвора нови можности за соработка со ДЛУМ, претставувајќи два концепти и пристапи кон создавање нови креативни творештва.
“Во основа, кај ‘Фемина’ главен протагонист е секогаш жената. Затоа со овој проект е добиен интересен концепт кој авторките ги спојува во една целина, со она што ги претставува нив како жени кои живеат во различни средини и општества, како културолошки, така социолошки и историски“, додава и Манева –Чупоска, претседателката на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, која на изложбата се претставува со инсталацијата насловена „Фемина наспроти Истокот го сретнува Западот“.
На изложбата се претставени делата на Лудевиг Хајке, Хаген Ута, Тинтелнот Соња, Маер Катарина, Иса Андреа, потпретседателката на здружението од Диселдорф која беше присутна на отварањето на изложбата, а се претстави со видеото „Сигнум“ и Хилер Анет која имаше интересен истражувачки проект за Скопје, а нејзиното дело беше инспирирано од зградата на Македонската телевизија. Меѓу учесниците се и Халм Анет Ц, Лукас Симоне, Ирена Паскали, Јана Манева-Чупоска, Инкен Боје, Марија Мицова Гацова, Петра Јовановска, Дита Старова, Љупка Делева, Eлпида Хаџи-Василева, Мирослава Трујкановиќ, Јaна Луловска и Елизабета Костадиновска.
Препознатлив по специфичниот карактер и ликовен израз кој во себе содржи повеќе ликовни медиуми, од класично штафелајско сликарство па сѐ до концептуални формати и нови медиуми, овој проект стана традиција која и во претходните изданија сплотуваше уметнички од повеќе земји.
Автор на графичкиот дизајн и на плакатот за изложбата е Петар Наумовски – Инкронакс, студент на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет -Скопје, отсек графички дизајн. (Д.Т.)