Во ликовната галерија на ЦК “Марко Цепенков” во Прилеп е отворена изложбата „Уметничкиот сон“, на Методи Исков. Изложбата поддржана од Министерството за култура и туризам, е посветена на истражувањето на сонот како симбол, инспирација и креативен импулс во уметноста.
Пред посетителите се претставени дела од различни жанрови и техники: сликарство, графика, цртеж, скулптура, како и современи визуелни изрази.
Отворајќи ја изложбата, м-р Каролина Мицевска, посочи дека проектот ја нагласува важноста на општеството во мисијата за поддршка и афирмација на уметноста.
– „Уметничкиот сон“, е концептуален проект што ја поканува публиката да влезе во светот на имагинацијата, да ги истражи сопствените соништа и преку делата да открие нови можности за разбирање на уметноста како универзален јазик што нè поврзува – рече Мицевска.
Методи Исков (1990, Штип) во 2009 година завршил гимназија во Прилеп, јазично-уметничко подрачје. Во 2014, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за вајарство, во класата на проф. Станко Павлески. Покрај индивидуалните, дел од неговите ангажмани се и изработка на скулптури вклучени во урбанистички план на Скопје, учество при изработка на палета мозаици, меѓу кои мозаиците во црквата „Свети Константин и Елена“во Скопје, мозаик вo базиликата „Свето благовештение“ во Незарет, Израел, со ликот на Пресвета Богородица, мозаиците во црквата „Света Петка“ во Прилеп, како и муралот во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, уметничко уредување на Крушево – Етно град…
Уметникот Методи Исков, претседател на ДЛУП, има реализирано самостојни и групни изложби и изработено повеќе мурали.