Ултиматум од „Маршот за ангелите“: Одговори до 3 октомври, или блокади

59

Од 3 октомври нема веќе маршеви, туку блокади и протести, порачаа родителите на децата што загинаа во пожарот во дискотеката во Кочани од „Маршот за ангелите“ што се одржа во саботата. По 24 пат маршираа родителите, роднините, пријателите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Родителите на загинатите во пожарот бараат одговори од судските органи, кои доколку не ги добијат во наредните денови, ќе предизвикаат сериозни протести и блокади низ целата земја.

– Обвинители и судии, ние, семејствата на жртвите од трагедијата во ‘Пулс’, бараме итен и јасен одговор од вас. Доста е со молчење, поминаа шест месеци. Срамота е – рече мајка на едно од загинатите деца. Родителите појаснуваат дека до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) веќе доставиле прашања и очекуваат информации за тоа до каде е постапката против вработените во МВР и кога ќе се подготви обвинителниот акт.

На судиите од Кривичниот суд им упатија прашање дали ќе донесат оценка на обвинителниот акт или ќе се повлечат пред политички влијанија.

Роднините нагласуваат дека нивниот повик не е политички мотивиран, туку е израз на бес и тага поради месеци без одговори и без правна разврска. Тие порачаа дека ќе ја бараат вистината и одговорноста „до крај“, бидејќи, како што велат, цели семејства се уништени и немаат што да изгубат, па ја повикаа правосудната власт да покаже доблест. Граѓанското здружение „16 март 2025 Кочани“ потсетува дека маршевите се посветени на нивните 62 ангели, чии животи беа насилно прекинати на 16 март 2025 година.

„Овој марш е симбол на единство, достоинство и глас што бара одговорност. Го посветуваме на ангелите што никогаш нема да бидат заборавени и на борбата за вистината што им ја должиме“, се вели во соопштението.

Маршот и овојпат започна од Паркот на револуцијата, помина пред Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани. Потоа продолжи до Даночната управа со кратка пауза кај кружниот тек, по што колоната продолжи до полициската станица. Потоа оттаму до Основниот суд и Обвинителството, враќајќи се во Паркот на Револуцијата.

Во пожарот загинаа 62 посетители на дискотеката каде концерт имаше групата ДНК. Повеќе од 200 беа повредени. Дел од нив се лекуваа во странство, а дел во македонските болници. Нивното лекување уште трае.

 

ИЗДВОЕНИ