понеделник, февруари 9, 2026
Дома СКОПСКА Улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало ќе стане пешачка и резиденцијална зона

Улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало ќе стане пешачка и резиденцијална зона

49

Во Дебар Маало почнаа градежните активности за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона.

Од Општина Центар соопштија дека проектот има цел уредување на јавниот простор и воведување организиран резидентен паркинг. Реконструкцијата се изведува на вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“.

– Во рамките на зафатот се предвидува инсталирање на ново улично осветлување, поставување клупи и канти за отпад, како и целосна реконструкција на коловозот и на тротоарите со поставување гранитни и травертин плочи. На дел од улицата се поставува нова водоводна и атмосферска мрежа, додека фекалната канализација е веќе изведена, а каблите на ЕВН се спуштени под земја – објаснуваат од локалната самоуправа.

Проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет и вклучува уредување на зелените површини, замена на исушените  дрвја со нови садници и поставување ниско зеленило. Тој  е финансиран со 70 % средства од Светска банка, додека преостанатите 30 % се покриени од буџетот на Општина Центар.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информираше дека станува збор за проект што се реализира на барање и по мера на жителите.

– Ова е зафат што беше долго време најавуван и ветуван, но сега, конечно, се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало добива нов лик: уреден, безбеден и функционален јавен простор – изјави Герасимовски.

 

ИЗДВОЕНИ