Старите скопјани жалат по некогашниот изглед на улицата  „Македонија“, посебно по коцката како нејзин белег, која денеска е пешачка зона, што го поврзува плоштадот „Македонија“ со Старата железничка станица (денешниот Музеј на град Скопје). За град Скопје тоа е најважна улица, не поради нејзините сообраќајни перформанси, ниту поради нејзиниот транзитен капацитет за спроведување на луѓето од едно место до друго, туку како симбол што го отелотворува урбаниот карактер на градот, неговата историја и неговата душа. Иако е стара преку сто години, раѓањето на улицата „Македонија“ го означува и раѓањето на Скопје како град

Старите скопјани жалат по некогашниот изглед на улицата  „Македонија“, посебно по коцката како нејзин белег, која денеска е пешачка зона, што го поврзува плоштадот „Македонија“ со Старата железничка станица, односно Музеј на град Скопје. Оваа улица, која е стара повеќе од еден век, во себе крие многу приказни, историја, урбан живот, корзо, денеска е оставена сама на себе, запуштена и неуредна, иако е огледало не само на метрополата туку и на целата држава. Старите скопјани се сеќаваат со носталгија на времињата кога прошетката по оваа улица беше доживување, а новите генерации се жалат поради неуредноста и запуштеноста на плочникот, на канделабрите потонати во крошните на несредениот дрворед, на искршените канти за отпадоци… Она што во моментов е светла точка е отворањето на црквата „Св. Константин и Елена“, чија изградба заврши по 13 години и која, колку-толку, ѝ дава доза шарм.

 – Улицата „Македонија“, заедно со плоштадот, претставуваше слика на велеград какви што има во многу земји, со сочувана и одржувана традиција и култура, сè додека не се реализира желбата на поединец (поединци), па ја тргнаа калдрмата и поставија плочки за лизгање. На таа желба подоцна се надоврзуваа и реализираа и други, па ја имаме сликата како денешната. Со тоа, згасна најубавото нешто што го имаше Скопје и на кое бевме горди, вели Розалинда Макариевска.

На старите скопјани им недостасува, како што велат, убавиот роден град, градот со душа и шмек бидејќи, како што нагласуваат од улица  „Македонија“, не останала убавината, и сè што таа за нив претставувала.

– Многу ми е жал за тоа што ги извадија коцките и ѝ го сменија оригиналниот изглед. Ми недостасува – реагира стара скопјанка која  вели дека како дете, до земјотресот во 1963 година, живеела на оваа улица која тогаш се викала „Маршал Тито“.

Оваа улица, пак, некои ја паметат по атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров.

За град Скопје тоа е најважна улица, не поради нејзините сообраќајни перформанси, ниту поради нејзиниот транзитен капацитет за спроведување на луѓето од едно место до друго, туку како симбол што го отелотворува урбаниот карактер на градот, неговата историја и неговата душа.

Стрезо Чубалевски, исто така стар скопјанец, ја има приказната за историјата на оваа значајна улица.

Тој вели дека иако е стара повеќе од сто години, раѓањето на улицата „Македонија“ го означува и раѓањето на Скопје како град.

– Улицата е пуштена во употреба некаде во јуни 1911 година, во чест на посетата на претпоследниот турски султан (39.) Мехмед V Решад. Значи, во тоа време железничката станица била сосема надвор од градот (неколку метри зад сегашната Стара железничка станица), а градот практично почнувал од Камениот мост, па натаму. Но, „Јени џаде“ (односно „Нова улица“, првото име на улица „Македонија“) веднаш станува важен и престижен простор. Само како илустрација, за нејзиното отворање е донесен трамвај со коњска влеча, и тоа директно од Виена – наведува  во својот напис на „Фејсбук“.

Набргу потоа, таа била именувана по претходникот на Мехмед Решад, односно во улица „Султан Хамид“. За време на Првата светска војна се вика „Цар Фердинанд“, од 1922 година „Краљ Петар“, додека од 1942 година „Цар Борис“. Најдолго го носи името „Маршал Тито“, што го добива по ослободувањето, а во „Македонија“ е преименувана во 1993 година.

Според Чубалевски, за престижноста на улицата говори и фактот дека таа е, практично, главната причина за преселувањето на центарот на Скопје, односно на побогатите мештани, околу неа.

– Новите објекти, дуќани, кафеани што се градат тука, го означуваат и раѓањето на граѓанската класа во Скопје, онаа без која ниту едно општество нема напредок. Тука се изградени првите вистински скопски палати (оние на Настеви, Икономови, Шеќеринови, Караџа, Крангови…). Во нив се инсталирани првите санитарни јазли и купатила, проработеле првите телефони (од околу сто телефонски приклучоци во 20-тите години на минатиот век, само семејството Настеви имало три, а кај нив во посед е и еден од првите клавири во Македонија), се појавиле првите фрижидери и ѕидани шпорети, првите автомобили… По улицата шетале господа и дами, слугинки, готвачки, градинари, приватни возачи и гувернанти од германско потекло. На улицата никнуваат кафеани, хотели, слаткарници и казина („Бели орао“, „Москва“, „Маргер“, „Европа“, „Тип-топ“…), со што таа станува центар не само на ноќниот, туку и на трговскиот живот на градот – нагласува Чубалевски.

Својот најголем процут, улицата „Македонија“ го доживеала во 20-тите години од минатиот век, кога околу неа се граделе најубавите згради, но и во преминот меѓу 20-тите и 30-тите години кога градоначалник на Скопје е архитектот и творец на првиот вистински урбанистички план на градот, Јосиф Михајловиќ.

– Станува збор за најдобри архитектонски примероци на сецесијата, архитектура која ја форсира слободата на изразот, особено кога станува збор за декоративноста, но и на новите материјали: бетон, керамика, железо… Иако улицата е, практично, епицентар на катастрофалниот земјотрес од 1963 година, голем дел од зградите изградени во периодот на Михајловиќ успеваат да поминат само со помали оштетувања. Тоа само говори за начинот на изградбата на овие зданија (палатата на Крангови, на пример, имала темели длабоки два метра) – наведува Чубалевски.

Мора да признаеме дека на улицата, која некогаш беше преполна со киносали, слаткарници, книжарници, трафики… (веќе нема ништо од ова), сè уште може да се насети оној некогашен граѓански шмек.

Коцките беа извадени при нејзината реконструкција во времето кога градоначалничка на Општина Центар беше Виолета Аларова. По реконструкцијата, таа беше свечено пуштена во употреба на крајот на декември 2004 година, со звуците на виенскиот валцер. Тогаш, улицата по примерот на повеќе светски метрополи се поплочи. Интересно е дека ова е една од ретките поголеми градежни интервенции која не наиде на политички контроверзии и полемики.

За реконструкцијата на улицата, Општината Центар тогаш потроши околу еден милион евра. Обновени беа атмосферската, фекалната и водоводната мрежа, за да може подземната инфраструктура да издржи во наредните триесетина години, но за жал, не издржа, бидејќи наместо блаженство при прошетките по неа, се чувствува непријатен мирис од шахтите, проблем кој надлежните не го решаваат со години.

Првиот дел на градското шеталиште е со површина од 2.200 квадратни метри, а се протега од „Пелистер“ до улицата „Димитрија Чуповски“, додека вториот дел е со површина од 6.500 квадратни метри, се протега од улицата „Димитрија Чуповски“ до улицата „Даме Груев“ и ги опфаќа двата крака на улицата „Луј Пастер“, кон  некогашното кино „Култура“ и кон зградата на „Лотарија на Македонија“.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ