Истражувањата на „Градиме иднина“ ја откриваат ширината на проблемот со детското питање и со сексуалната експлоатација во Македонија. Освен што илјадници деца живеат на улица, лишени од образование и здравствена заштита, голем дел се и предмет на насилство, злоупотреба на дрога и принудена проституција, додека организаторите заработуваат илјадници денари дневно

 

Истражувањата на здружението „Градиме иднина“ покажуваат дека во голем број градови во државата постои организирано злоупотребување на деца за питање преку сериозни форми на насилство и експлоатација. Во истражувањето се посочува дека се регистрирани 200 девојчиња кои се сексуално злоупотребувани, 150 деца се евидентирани како жртви на сексуални услуги, како и случаи на малолетничка проституција под притисок на родители или на посредници. Дел од девојчињата, на возраст од 13 до 23 години, биле принудувани да нудат сексуални услуги за суми од 1.000 до 5.000 денари.

Ова е само еден сегмент од начините на злоупотреба на деца. Илија Јовановиќ од „Градиме иднина“ вели дека проблемот се продлабочува и со злоупотреба на психоактивни супстанции. Според нивните податоци, евидентирани се 85 деца зависници од инхалирање лепила и други наркотични средства, 100 деца кои користат дрога без медицински третман, а во период од две години починале три малолетници како последица од зависност.

Податоците што ги објавува Здружението се уште поалармантни во поширок контекст. Дури 18.700 деца не посетуваат настава, 700 живеат под ведро небо, а 30.000 немаат лични документи. Околу 2.000 деца се соочуваат со сериозни заразни болести и со нарушено здравје. Дополнително, 180 родители биле опоменати од страна на Министерство за труд и социјална политика и центрите за социјална работа поради злоупотреба на сопствените деца за питање, додека против 246 лица биле поднесени кривични пријави од Министерство за внатрешни работи.

Процените на „Градиме иднина“ се дека во голем број градови во државата постои организирано злоупотребување на деца за питање. Само во Скопје се евидентирани 337 деца кои секојдневно питаат, додека на национално ниво, бројката на питачи достигнува околу 3.000 лица.

– Возрасните лица што ги злоупотребуваат децата остваруваат дневна заработка до 4.000 денари по дете или новороденче. Работата е организирана во смени – утринска, попладневна и ноќна – при што децата се распоредуваат на фреквентни локации, а злоупотребата e често маскирана преку продажба на балони, чоколади или ситни производи. Од вкупниот дневен промет, на децата им се оставаат симболични 10 до 50 денари, додека остатокот завршува кај возрасните и кај организаторите. Посебно загрижува податокот дека дел од децата дневно пешачат и до 30 километри за да стигнат од една до друга локација за питање, а регистрирани се и случаи на деца „обучувани“ да глумат ментална попреченост за да се оствари правото на финансиски надомест – вели Јовановиќ.

Анализата на податоците укажува дека проблемот со детското питање во земјава не е изолиран социјален феномен, туку комплексна мрежа на сиромаштија, институционални пропусти и организирана експлоатација. Токму поради тоа, Јовановиќ упатува повик за поддршка и соработка во 2026 година, нагласувајќи дека без здружена акција на институциите, граѓанскиот сектор и јавноста, децата на улица ќе продолжат да бидат жртви на организирана злоупотреба.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ