„Украс“ – изложба на Марјана Костојчиноска-Узунчева во Прилеп

14

Во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 12 септември, со почеток од 18.30 часот ќе биде отворена изложбата „Украс“ на Марјана Костојчиноска-Узунчева.

Најновиот креативен подвиг на ликовната уметница Костојчиноска-Узунчева отелотворен во комплексната и интерпретативно повеќеслојна просторна инсталација насловена „Украс”, отвора низа актуелни прашања во врска сo позицијата и третманот на жената денес и родовата (не)еднаквост, посебно во конзервативни и патријархални општества. Инсталацијата се состои од навидум секојдневни предмети кои претставуваат своевиден визуелен код, како дел од нашето етнолошко богатство и културна традиција, но групирани и транспонирани на овој начин и во овој контекст се лишени од баналност и добиваат поширока димензија и симболика… Во централниот горен дел од композицијата се обесени чаршафи за маса, со поголема димензија на кои е испишан текст – „Послужи/ме” (кој е двозначен, замислен како игра на зборови…) и „Одма” кои кореспондираат и се во директна корелација со послужавниците поставени на подот, како и зборот „Украс”, кој, всушност, го претставува јадрото, односно есенцијалниот наративен дел на приказната што ни ја пренесува авторката.

-„Во суштината, сѐ се врти околу овие два збора, особено зборот ’Послужи/ме’ и насловот на инсталацијата ’Украс’. Се работи за збор кој директно дава наредба, да се послужи кафе, да се послужи јадење, да се послужи слатко. Но, исто така може да значи и некој или нешто да послужи за некоја цел, да ’послужи’ за пример. И во двата случаја се работи за искористување или употребување. Во конкретниов случај се работи за жената во општеството во кое живее, се посочува кон изложбата“, вели авторката.

Костојчиноска-Узунчева дипломирала на ФЛУ Скопје – отсек графика и досега реализирала 27 самостојни и повеќе од 50 групни изложби во земјава и во странство.

ИЗДВОЕНИ