Олена (19) и нејзиниот партнер Богдан (22) се во притвор еден месец, чекајќи судење по обвинение за велепредавство. Двајцата се постојано под вооружен надзор од страна на агенти на Украинската безбедносна служба (СБУ) и се соочуваат со доживотен затвор за предавство на Украина на Русија, иако двајцата велат дека се надеваат дека ќе добијат 15-годишна казна во спогодба за признавање на вина.
СБУ ги обвинува за користење шпионски камери за следење на испораките на западно оружје и полициските станици, како и за подготовка да им ги откријат на Русите локациите на системите за воздушна одбрана во Киев и северниот Черниховски регион пред нивното апсење. За жал, нивниот случај не е единствен. Од февруари 2022 година, СБУ истражи повеќе од 24.000 случаи на злосторства против националната безбедност и повеќе од 4.100 случаи на велепредавство, од кои повеќе од 2.300 моментално се пред судовите, соопшти службата.
Од безопасен оглас во Телеграм до шпионажа
– Сè започна кога најдовме оглас на канал на Телеграм наречен „Работи во Киев“. Огласот ветуваше лесни пари. Почнавме да го правиме тоа затоа што навистина ни требаа пари, како и повеќето луѓе во Украина денес – рече Олена, а Богдан додава:
– Навистина сакавме да живееме заедно, но бевме во долгови, работевме многу, се каравме многу затоа што сè уште немавме доволно пари.
Првите задачи беа безопасни – одеа во локалните супермаркети, фотографираа полици и цени и проверуваа работно време. Сепак, барањата наскоро станаа посериозни. Им беше наредено да постават камери до полициска станица, а потоа и на железничка линија што транспортираше западно оружје. Последната задача беше да постават шпионски камери за откривање на позиции на воздушната одбрана во регионот Киев.
Богдан признава дека по првите две задачи сфатил дека работат за Русија, но, како што вели, претпочитал да „размислува позитивно“. Исто така, постоел страв од последиците ако се обидат да се откажат.
„Овие момци не би ве оставиле само да се откажете“, рече Олена.
Парите како главен мотив
Според неименуван функционер на СБУ, Русите им ветуваат на своите регрути во Украина различни суми пари во зависност од тежината на задачата. Активностите се движат од фотографирање воени фабрики, железници и енергетска инфраструктура – што им помага на Русите да насочуваат ракети и беспилотни летала – до поставување бомби во канцеларии за регрутирање и палење воени возила.
По речиси четири години војна, мотивацијата за предавство е сè помалку идеолошка, а повеќе финансиска. Со малку руски сојузници што останаа на територијата контролирана од Украина, Москва сега бара агенти меѓу сиромашните и очајните, потврдија неколку службеници на СБУ.
Олена, која работеше како готвач во брза храна од 12 до 16 часа на ден за мала плата, и Богдан, кој работеше разни работи, признаваат дека ѝ помагале на Русија исклучиво за пари.
„Наградата може да биде од неколку стотици до неколку илјади гривни, без гаранција дека парите всушност ќе бидат платени“, рече функционер на СБУ.
Олена и Богдан добивале од 400 до 3.000 гривни (8–62 евра) по задача. Дури и таа сума не им била доволна за да живеат нормално.
Играта на Кремљ и сивата зона на законот
СБУ врди дека Русија инвестира огромни ресурси за да ја дестабилизира Украина одвнатре. Државното истражно биро на Украина регистрирало 1.500 кривични дела за предавство против украински службеници, судии, воени лица и полицајци од 2022 година.
– Секој факт за велепредавство, соработка и помагање на државата агресор се истражува темелно – вели СБУ.
Прашањето за Украинците кои живеат под руска окупација е особено сложено, каде што борбата за опстанок може да ги доведе во судир со законот.
„Во никој случај не ги оправдувам вистинските соработници. Но, многу од оние на кои им се суди за соработка се само луѓе кои се обидуваат да преживеат под руска окупација“, објаснува Хана Расамахина од невладината организација Медиумска иницијатива за човекови права.
„Секое лице кое останува на окупираната територија и е принудено да бара работа, стапува во контакт со окупаторските власти против своја волја и не може да биде сигурно дека нема да биде обвинето подоцна“, додаде таа.












