Украинската тенисерка Олександра Олијникова имаше ден за паметење на Ролан Гарос, откако стигна до својата прва победа во главната ждрепка на еден гренд слем. Таа убедливо славеше против руската квалификантка Елена Приданкина со 6-1 и 6-2, а веднаш по мечот, го привлече вниманието со емотивната и директна порака за војната во нејзината татковина.
По последниот поен, Олијникова го зеде украинското знаме и веднаш се упати кон трибините, каде што беше нејзиниот татко Денис, кој во моментов е на отсуство од украинската армија. Видливо емотивна, таа изјави дека токму неговото присуство ја направило победата уште позначајна.
На прес-конференцијата, тенисерката отворено проговори за војната во Украина и за последиците што таа ги остава врз нејзиниот народ. Таа дури покажа фотографија од тениски терени во Украина кои биле уништени во руски напади, откривајќи дека токму таму тренирала како дете.
- Тоа се терените каде што го поминав детството. Кога ќе го видите тоа уништено, многу боли, изјави Олијникова.
Украинката беше многу остра и кон руските и белоруските тенисери, обвинувајќи дел од нив дека со молчењето му даваат поддршка на рускиот режим.
- Тие имаат влијание и публика, а не кажуваат ништо. За мене, тоа е поддршка на пропагандата и нормализирање на агресијата, порача Украинката.
Олијникова посочи дека спортските организации мора повеќе да зборуваат за тоа што се случува, наместо да се однесуваат како ништо да не се случува.
Посебно беше директна кога зборуваше за можноста руските спортисти повторно да настапуваат под националното знаме.
- За нас, тоа знаме е симбол на терор. Тоа е многу трауматично и неприфатливо, порача тенисерката.
На крајот, нагласи дека тенисот за неа не е само спорт туку и можност да се слушне нејзиниот глас.
Олијникова откри дека голем дел од парите што ќе ги заработи од турнирот ќе ги донира за украинската армија и порача дека ќе продолжи јавно да зборува за она што се случува во нејзината земја.
- Ако бидам казнета затоа што ја кажувам вистината, тогаш нека биде така. Тука сум да ѝ помогнам на Украина и чувствувам дека тоа е мојата мисија, изјави украинската тенисерка по еден од најемотивните настапи на годинашниот Ролан Гарос.











