Украинците погодија руска „летачка лабораторија“ А-60/ВИДЕО

88

За време на синоќешниот украински напад врз Таганрог, Русија, беше погоден исклучително редок експериментален авион А-60, кој Русија го користи како летачка лабораторија за тестирање на ласерско оружје.

Според снимките и изјавите на локалните жители, целта бил Научно-техничкиот воздухопловен комплекс „Г. М. Бериев“ и воената база Таганрог-Југ, главниот полигон за тестирање на компанијата, објавува „Милитари“.

Фабриката на Бериев е специјализирана за развој на амфибиски авиони и авиони за специјална намена, вклучувајќи го и А-50, како и за ремонт на руската поморска авијациска флота и модернизација на стратешките бомбардери Ту-95МСМ.

Анализата на една од снимките покажува дека „летачката лабораторија“ А-60, регистрирана како RA-86879, била погодена и веројатно целосно уништена за време на нападот. Авионот е изграден врз основа на транспортниот авион Ил-76МД и служел како платформа за моќен мегаватен ласер кој, според советскиот проект, требало да биде поставен во вселената. Изградени се само два прототипови, а оштетениот стоел со години во базата Таганрог-Југ.

Нападот, исто така, погодил хангар во фабриката, кој се користи за одржување и модернизација на бомбардерите Ту-95МС во верзијата Ту-95МСМ – авиони што можат да носат ракети Х-101, кои Русија ги користи интензивно во нападите врз Украина.

Украинските беспилотни летала извршија и големи напади врз регионот Краснодар истата ноќ, вклучувајќи ги Новоросијск, Сочи и Геленџик. Во Новоросијск, во средината на нападот било активирано гласовно предупредување за „други видови вонредни состојби“. Локалните власти тврдат дека ова е резултат на „неовластено мешање во системот за тревога“.

ИЗДВОЕНИ