Европската Унија нема да посегне во замрзнатите пари на Русија што се чуваат во во Брисел, а на Украина финансиски ќе ѝ помогне со бескаматен заем за покривање на нејзините воени и економски потреби во следните две години. Откако не успеаја да се договорат околу главниот план – репарациски кредит од 210 евра замрзнати руски пари, лидерите на ЕУ, доцна ноќта во четвртокот, се согласија за планот Б – со свои средства да ѝ помогнат на Украина, која е пред банкрот и не ќе може да продолжи да војува ако не добие финансиска инјекција.
– Имаме договор. Одлуката за обезбедување 90 милијарди евра (106 милијарди долари) за поддршка на Украина за 2026 – 2027 година е одобрена. Презедовме обврска, исполнивме, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на социјалните медиуми.
На договорот се спротивставија Унгарија, Словачка и Чешка, но најдено е компромисно решение: тие нема да учествуваат во кредитот, но нема ни да го блокираат. Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој е најблизок европски сојузник на рускиот претседател, Владимир Путин, се опишува себеси како миротворец, рече: „Не би сакал Европската Унија да биде во војна“. Францускиот претседател, Емануел Макрон, го нарече договорот голем чекор напред, велејќи дека задолжувањето на пазарите на капитал „беше најреалниот и најпрактичен начин“ за финансирање на Украина и на нејзините воени напори. Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, ја поздрави одлуката. „Финансискиот пакет за Украина е финализиран“, рече тој во соопштението, истакнувајќи дека „на Украина ѝ е доделен заем со нула камата“, со објаснување дека „овие средства се доволни за да се покријат воените и буџетските потреби на Украина за следните две години. Мерц, исто така, нагласи дека руските средства ќе останат блокирани сè додека Русија не ѝ плати воени репарации на Украина.
По речиси четири години војна, Меѓународниот монетарен фонд проценува дека на Украина ќе ѝ бидат потребни 137 милијарди евра (161 милијарда долари) во 2026 и 2027 година. Владата во Киев е на работ на банкрот и потребни ѝ се парите до пролет. Зеленски им се заблагодари на лидерите на ЕУ на социјалната мрежа „Икс“ со зборовите: „Заедно ја браниме иднината на нашиот континент“, а за руските пари кои се залагаше да ги добие Украина, кажа дека е важно „да останат замрзнати“.
За одлуката на Брисел се огласи и рускиот претседател Владимир Путин, кој рече дека напорите на ЕУ за финансирање на неговиот непријател ќе имаат „сериозни последици“, споредувајќи ги вклучените земји со „провалници“ затоа што за цел ги имаат руските средства. Тој додаде дека ќе биде „многу тешко“ за земјите од ЕУ кои додаваат дополнителни оптоварувања во своите буџети преку заеми за Украина.
– Конфискацијата на руски имот во Европа ќе ја поткопа довербата во Еврозоната, зашто откако ќе почне, нема враќање назад – рече Путин, додавајќи дека Русија ќе се брани на судовите, во јурисдикција која не зависи од политички одлуки, а „порано или подоцна, Европа ќе мора да го врати она што го украла од рускиот имот“.












