Руските сили зазедоа четири погранични села во украинскиот регион Суми, каде што собраа десетици илјади свои војници и напредуваат во источна Украина во близина на градот Костијантинивка, додека Киев се подготвува за очекуваната голема летна руска офанзива во Доњецк, регион кој Москва се обидува да го освои од почетокот на војната.

Локалните власти во вторникот соопштија дека руските сили зазеле четири погранични села во североисточниот регион Суми, неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека им наредил на своите војници да воспостават тампон зона долж границата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, сепак, рече дека Русите биле потиснати четири километри во областа во текот на два дена.

Додека Путин не кажа точно каде долж границата ќе се наоѓа „безбедносната тампон зона“ или колку долго ќе биде, Зеленски тврдеше дека Русија сака тампон зона од околу 10 километри, пренесе Ројтерс.

Регионот Суми се наоѓа преку границата со руската Курска област, која Украина ја нападна минатото лето, ја зазеде и држеше дел од територијата со месеци пред да биде речиси целосно исфрлена во април. Путин рече дека долгата граница е ранлива на упади и дека создавањето „безбедносна тампон зона“ може да и помогне на Русија да ги спречи.

Олех Хрихоров, шеф на регионалната воена администрација на Суми, рече дека руските сили во областа се обидуваат да напредуваат подлабоко откако го зазедоа селото.

Украинските сили, од друга страна, се обидуваат да ја одржат линијата на фронтот, рече тој, додавајќи дека селаните се евакуирани и дека нема непосредна закана за цивилите.

Во средата, Зеленски рече дека Русија собрала 50.000 војници во близина на регионот Суми, но додаде дека Киев презел чекори за да ја спречи Москва да започне голема офанзива таму.

  • Нивните најголеми и најсилни сили моментално се на Курскиот фронт. Со цел да ги истуркаме нашите војници од регионот Курск и да подготвиме офанзивни акции против регионот Суми – рече Зеленски.

Тој исто така рече дека Русите „ќе направат се“ за да ја преминат административната граница на регионот Днепро, пренесе Укринформ.

  • Тие тоа го сакаат. Досега не им успеало. Сакаат да го заземат Покровск, преземаат доследни акции. Регионите Луганск и Доњецк остануваат токму стратешките цели кои им се поставени од 2014 година – рече Зеленски.

ИЗДВОЕНИ