Претходната ноќ украинските одбранбени сили го нападнаа аеродромот Саваслејка во Нижни Новгородската област на Руската Федерација, објавија денес украинските медиуми, повикувајќи се на објава на Фејсбук од Генералштабот на украинските вооружени сили.
Во соопштението се наведува дека ноќта на 9 јуни, единици на украинските сили за специјални операции, во соработка со припадници на други родови на украинската армија, го нападнале аеродромот Саваслејка, пренесува Укринформ.
Украинската војска денес објави дека онеспособила два авиона на рускиот аеродром Саваслејка ноќта на нападот.
„Според прелиминарните информации, погодени се два непријателски авиони, најверојатно МиГ-31 и Сухој-30/34“, соопшти украинската војска во соопштението на апликацијата Телеграм.
Руската војска го користи аеродромот Саваслејка за напади на украинска територија, а руските ловци МиГ-31К кои носат балистички ракети воздух-земја „Кинжал“ редовно полетуваат од овој воен аеродром, според украинската агенција, а пренесе 24Седум.