
Украина обезбеди увоз на американски течен природен гас (LNG) од Грција за да ги покрие зимските потреби од декември до март следната година, изјавија грчки и украински претставници во неделата за време на посетата на претседателот Володимир Зеленски на Атина.
Украина ќе го увезува гасот преку цевковод што поминува низ Балканскиот Полуостров за да обезбеди критични резерви по руските напади врз енергетската инфраструктура и постројките за производство на гас, пренесе „Хина“:
Грчката гасна компанија ДЕПА и украинската државна компанија „Нафтогас“ во заедничко соопштение изјавија дека договорот ќе стапи на сила во декември. Зеленски во заедничко соопштение за медиумите со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис рече дека испораките ќе започнат во јануари.
„Почнуваме со обнова секој пат кога Русите уништуваат енергетска инфраструктура и постројки за производство на гас, но навистина е потребно многу време, труд, опрема. А кога станува збор за гас, ни е потребен увоз за да го компензираме нашето производство што Русите го уништија“, изјави Зеленски за новинарите.
„Грција станува снабдувач на енергетска безбедност за вашата татковина“, му рече Мицотакис на Зеленски, додавајќи дека договорот ќе придонесе за независноста на Европа од рускиот гас. Пред посетата на Грција, Зеленски рече дека Киев обезбедил две милијарди евра за увоз на гас од европски партнери и банки со гаранција од Европската комисија, како и од украинските банки.











