Словачкиот министер за одбрана Роберт Калинак изјави за новинската агенција TASR дека Украина никогаш нема да се приклучи на НАТО, остро критикувајќи ја групата земји што го поддржуваат Киев, позната како таканаречена „коалиција на подготвените“.
Според него, Европската Унија не треба да се занимава со прашања од колективната безбедност бидејќи таа одговорност треба да остане исклучиво во надлежност на НАТО.
Тој верува дека постоењето на два паралелни командни системи не може да обезбеди ефикасна одбрана.
Калинак, исто така, предупреди дека формирањето заедничка европска армија би бил сериозен чекор кон федерализација на Европа.
„Или сме дел од НАТО и тогаш не ни треба таква армија, или сме во Европа“, порача словачкиот министер.
Тој го повтори својот став дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО, додавајќи дека ќе се соочи и со сериозни пречки на патот кон членство во Европската Унија.
Зборувајќи за таканаречената „коалиција на подготвените“, Калинак рече дека досега не направила ништо конкретно.
„Дали испратија војници? Не испратија. Секако дека не испратија“, рече тој, додавајќи дека, според него, Украина имала шанса да ја заврши војната уште во 2022 година.












