Европските земји забрзано работат на план Б за да спречат Украина да остане без пари на почетокот од следната година ако пропадне договорот за користење на замрзнатите руски средства за финансирање, пишува „Политико“.
Таканаречениот кредит за репарација од 140 милијарди евра што го испланираа лидерите на ЕУ пред еден месец сè уште е блокиран од Белгија, каде што, всушност, се чуваат руските пари. И покрај интензивните разговори меѓу Белгија и Комисијата, белгискиот премиер, Барт де Вевер, и понатаму е загрижен за законските обврски и за ризикот од одмазда од Москва.
– Ако не преземеме акција, други ќе преземат акција пред нас – вели за „Политико“ еден функционер на ЕУ, кој, како и другите цитирани, побарал да остане анонимен.
Затоа експертите во Брисел сега се вртат кон планот Б за да ѝ помогнат на Украина ако не биде подготвен предлогот за репарациски заем за самитот на лидерите на ЕУ на 18 декември. Четворица европски функционери изјавиле за „Политико“ дека една опција што добива популарност е „заемот за премостување“, финансиран со задолжување на ЕУ, за да се одржи Украина на површина во текот на првите месеци од 2026 година. Двајцата дипломати посочиле дека би можело да се побара од Украина да го врати почетниот премостувачки заем откако би добила средства од долгорочниот репарациски заем. Се разгледува и друга опција, која е комбинација од репарациски заем и од заедничко задолжување на ЕУ.
Дипломатите очекуваат дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, наскоро ќе им наложи на своите служби да презентираат нацрт правен текст за репарацискиот заем. Францускиот претседател, Емануел Макрон, објави дека сојузниците на ЕУ „во наредните денови“ ќе финализираат решение што ќе „обезбеди финансирање“ и ќе „ѝ даде видливост на Украина“. На долг рок, заемот за репарација се смета за единствена опција, бидејќи нема волја кај членките на ЕУ да посегнат во сопствените буџети, од кои многу се веќе оптоварени со дефицит. Затоа е клучно да се убеди Белгија да се согласи.
Сепак, и заемот за „премостување“ има и свои пречки. Најголемата е дека заедничкото задолжување на ЕУ би барало едногласна поддршка од сите 27 членки, а Унгарија долго време се спротивставува на новите мерки за финансирање на украинските воени напори. Можно решение би било да се претстави заемот како средство за обнова на Украина, а не за финансирање на нејзината војска. Дополнителен фактор е и тоа што тимот на Трамп поттикнува забрзување на мировниот договор. Во нацрт-верзиите на мировниот предлог се споменува користењето на замрзнатите средства за финансирање на реконструкцијата на Украина.












