Украинската централна банка ја разгледува можноста еврото да стане нова референтна валута за украинската гривна, заменувајќи го американскиот долар, кој ја имаше таа улога со децении. Гувернерот Андриј Пишњи потврди за Ројтерс дека промената се разгледува во светлината на продлабочувањето на односите со Европската Унија и растечката нестабилност на глобалните пазари, пренесува Ројтерс.
„Потенцијалното членство во Европската Унија, зајакнувањето на улогата на ЕУ во обезбедувањето на нашите одбранбени капацитети, зголемената нестабилност на светските пазари и растечката фрагментација на глобалната трговија, сето ова нè принудува да преиспитаме дали еврото е посоодветно како референтна валута за гривната“, изјави Пишњи. Тој додаде дека ова е „сложена работа што бара висококвалитетна и повеќеслојна подготовка“.
Доларот сè уште доминира во меѓународната трговија и сочинува поголем дел од светските девизни резерви. Многу земји, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и Хонг Конг, сè уште ги врзуваат своите валути за доларот. Сепак, под администрацијата на претседателот Доналд Трамп, Соединетите Американски Држави почнаа трговска војна со наметнување на највисоките царини во последните сто години, доведувајќи ја во прашање долгорочната улога на доларот како глобална резервна валута.
Некои експерти предупредуваат дека силата на доларот не треба автоматски да се поврзува со неговиот статус на резервна валута, но историски гледано, тој статус честопати се поврзувал со безбедносни и воени сојузи со Соединетите Американски Држави.
Андриј Пишњи нагласи дека трансакциите во долари продолжуваат да доминираат во сите сегменти на девизниот пазар, но дека уделот на оние деноминирани во евра расте, засега умерено. Тој не даде детали. Украина ја воведе гривна во 1996 година и оттогаш се потпира на доларот како основа на валутната политика.