Украина побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) во врска со најновите руски воздушни напади, потврди денес постојаниот претставник на Украина во ОН, Андриј Мелник.
„Тукушто потпишав писмо до претседателот на Советот за безбедност на ОН, амбасадорката на Гвајана во ОН, Каролина Родригез-Биркет, со барање за свикување состанок на Советот за безбедност што е можно поскоро во врска со ескалацијата на рускиот ракетен терор против мирните жители на Украина“, рече Мелник, пренесува „Укринформ“.
Тој истакна дека „само синоќа, масовен напад од страна на Руската Федерација одзеде животи на многу жители на Киев“, повеќе од сто беа повредени, а станбените згради повторно беа целосно уништени.
„Се справуваме не само со воени злосторства против цивилното население што режимот на Москва ги извршува секој ден и секоја ноќ, туку и со злосторства против човештвото кои бараат не само осуда, туку и решителна реакција и практични дејствија од меѓународната заедница, пред сè од Советот за безбедност на ОН“, рече Мелник.
Украинските медиуми објавија дека ноќта на 17 јуни, 27 локации во Киев биле под комбинирани руски напади.
Според прелиминарните податоци, 15 лица биле убиени, 114 биле повредени, а 68 биле хоспитализирани.