На францускиот тим Кофидис му беа украдени 11 велосипеди од камион пред втората етапа на најпрестижната велосипедска трка Тур де Франс. Велосипедите беа украдени од камион паркиран на околу 150 метри од хотелот во Бонд, веднаш до аеродромот во Лил каде што престојуваше тимот.
„Вратата на камионот беше пробиена и 11 велосипеди беа украдени и покрај безбедносните мерки што беа преземени“, се вели во соопштението на тимот.
Секој велосипед чинеше околу 13.000 евра, така што вкупната штета е повеќе од 140.000 евра. „Полицијата дојде во хотелот наутро за да изврши увид на лице место и да започне истрага. Тимот на Кофидис остро го осудува овој чин и ги повикува сторителите да бидат граѓански настроени и одговорни“, додадоа тие во соопштението.
Кофидис успеа да најде доволно велосипеди за да ја започне втората етапа, делница од 209 километри од Ловен-Планк до Булоњ-сур-Мер.
На оваа етапа победи Холанѓанецот Матју ван дер Пул (Алпецин-Деконинк). Тој на делница од 209 километри од Ловин-Планк до Булоњ-сур-Мер, славеше во последниот спринт пред Словенецот Тадеј Погачар (ОАЕ Тим Емирати-ЏРГ), додека Данецот Јонас Вингегор (Визма-Лиз а Бајк) беше трет.
„Крајот на етапата и искачувањата беа потешки отколку што очекував. Бев навистина мотивиран по четири години без победа на Тур де Франс. Беше супер тешко“, рече Ван дер Пул по неговата 55-та победа во кариерата. „Луѓето велеа дека денес сум фаворит, но кога ќе видите кој го одредува темпото на искачувањата, можам да кажам дека навистина направив добра работа“, додаде тој.
Ван дер Пул води во генералниот пласман со четири секунди предност пред Погачар, додека Вингегор е шест секунди зад третото место.