Украдени 18 килограми злато во вредност од 1,8 милиони евра: Автомобилот без таблици најден запален, разбојниците во бегство

65

Под закана со оружје, неколку маскирани лица ограбија злато во вредност од 1,8 милиони евра од една златарница во Гостивар.

Откако ги наполниле торбите, смирено се качиле во автомобил „БМВ“ без регистарски таблици и избегале.

Автомобилот бил пронајден запален на патот кон Маврово.

„Во златарница во сопственост на лицето С.Ж. од Гостивар е извршена кражба, при што се одземени околу 18 килограми злато во вредност од 1,8 милиони евра. Веднаш се преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителите, кои биле маскирани и со фантомки на главите. При преземањето на мерките, на регионалниот пат Гостивар–Маврово, 500 метри по крстосницата кон Маврово, е пронајдено возило зафатено од оган, при што од ТППЕ Гостивар пожарот е локализиран, а е констатирано дека станува збор за возило ‘БМВ’ без регистарски таблици, за кое се сомнева дека било користено при извршување на кражбата“, вели Фатмир Реџепи – портпарол на СВР Тетово.

Во истиот автомобил е пронајден автоматски карабин, а возилото, по наредба на јавен обвинител, е однесено на понатамошна форензичка обработка.

Полицијата и Обвинителството велат дека работат на целосно расчистување на случајот.

„Им апелираме на сите граѓани кои располагаат со важни информации за настанот, да ги пријават кај надлежните органи, со цел сторителите на ова дело што поскоро да излезат пред лицето на правдата“, велат од ОЈО.

Слична кражба на златарница беше извршена и во Тетово во 2011 година, по што сторителите беа уапсени, а 10,5 килограми злато му беа вратени на сопственикот.

ИЗДВОЕНИ