Бронзената статуа на првата дама на САД Меланија Трамп, поставена во близина на нејзиниот роден град Севница, исчезна, а словенечката полиција потврди дека започнала истрага. Оваа статуа беше замена за претходната дрвена верзија, која беше запалена во 2019 година како вандалски чин.
Според портпаролката на полицијата Аленка Дреник Рангус, кражбата била пријавена на 13 мај, по што инспекторите веднаш излегле на местото на настанот. Полицијата потврди дека статуата била отсечена на глуждовите и отстранета од местото каде што била поставена.
Авторот на статуата, американскиот концептуален уметник Бред Дауни, рече дека дознал за кражбата додека бил во Германија, каде што подготвувал нов проект. „Малку сум тажен што таа ја нема“, изјави тој за АФП, додавајќи: „Имам чувство дека има врска со новите избори во САД, но кој знае“.
Тој исто така изјави дека бронзената статуа била наменета како анти-споменик и анти-пропаганда и дека заменила дрвена скулптура што била запалена, што, според него, не било исправно во тоа време.
Оригиналната дрвена скулптура ја прикажуваше Меланија во син фустан и високи потпетици, а ја изработи локалниот уметник Алеш Жупевц со моторна пила. Бронзената статуа беше поставена на крајот од првиот мандат на Доналд Трамп, додека тој водеше кампања за реизбор. Беше зајакнатa со бетон и метални прачки на приватно земјиште. Истрагата за исчезнувањето на статуата е во тек.
Титулата прва дама на Меланија разбуди надежи во нејзиниот роден регион дека Доналд Трамп би можел да ја посети Словенија, што досега не се случило, а во Севница разни производи како колачи, чоколадо, мед и влечки беа посветени токму на неа.