Граѓани на социјалните мрежи реагираат дека на трансакциските сметки не им стигнала исплатата на „Мој ДДВ“, иако рокот беше до крајот на август. Велат дека досега немало проблем.
Од Управата за јавни приходи известија дека исплатата е извршена за сите корисници кои имаат точни и ажурирани податоци во системот.
– Исплатата за вториот квартал од 2025 година (април – јуни 2025 година) е успешно реализирана. Исплатени се вкупно 881.020.500 денари, односно 14.324.725 евра, кон 502.983 корисници кои скенирале фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ – велат од УЈП.
Како причини поради кои некои корисници сè уште немаат добиено средства од Управата се наведуваат: промена на трансакциска сметка во текот на исплатата, неточни или неажурирани лични информации, како и поради технички грешки при внес на податоци.
–Затоа апелираме до корисниците да ги проверат своите податоци во апликацијата „Мој ДДВ“ и да се осигурат дека трансакциската сметка е правилно внесена и активна. Во наредниот период, исплатата ќе продолжи кон сите корисници кои направиле ажурирање на податоците. За дополнителни прашања, корисниците може да се обратат во Контакт-центарот на УЈП 02 3253 200 или на [email protected]
Оттаму, исто така, информираа дека поради планирани активности за надградба на опремата, системот е-Даноци ќе биде недостапен од петок, 12 септември 2025 година, од 14:00 часот.
– За време на интервенцијата нема да биде можно поднесување на пријави и na други електронски поднесоци преку системот е-Даноци. Останатите системи на УЈП ќе продолжат со редовна работа. Системот е-Даноци ќе биде повторно достапен веднаш по завршувањето на техничката интервенција. Ги охрабруваме сите корисници навремено да ги завршат своите итни и неодложни обврски пред започнувањето на интервенцијата – велат од УЈП.
(С. Бл.)