„Со голема тага ја споделуваме веста дека нашиот европски бизон кој имаше 17 години утрово угина“, соопштија од Скопската зоолошка градина. Оттаму наведуваат дека животниот век на овие животни е од 14 до 20 години.
Овој величествен и редок претставник на европската дива фауна од 2011 година беше еден од најимпресивните жители на нашата зоолошка градина.
Пред околу година и половина кај него беше дијагностицирана пневмонија, по што следеше долготраен процес на терапија и внимателно следење од страна на нашиот тим ветеринари и неговите негуватели.
Иако со многу посветеност успеавме да ја стабилизираме неговата состојба, во изминатите две недели повторно покажа знаци на слабост и отежнато дишење. Веднаш беше вклучена интензивна секојдневна антибиотска терапија одредена според антибиограм и постојан надзор, но за жал, и покрај сите наши напори, не успеавме да го спасиме“, стои во соопштението од Скопје ЗОО.