Познатиот УФЦ-борец, Годофредо Кастро, е пронајден мртов во затвор во Флорида на 38-годишна возраст. Бразилецот беше приведен под обвинение за семејно насилство врз неговата сопруга Самара Мело, а против него беа поднесени и други кривични пријави. Во судските записи се наведува дека Кастро е обвинет за киднапирање, напад, давење и манипулирање со сведоци. Неговиот случај наскоро требаше да има излагање на суд.

Во врска со трагичната вест за смртта на борецот, адвокатот на Самара Мело издаде соопштение до јавноста:

  • Смртта на лице во притвор е сериозна работа. Постојат процедури што американските власти мора да ги следат, а сите информации ќе ги објават само надлежните органи. Дотогаш, молам за почит кон семејството и да се избегнуваат злонамерни коментари и шпекулации, за да не се предизвика дополнителна болка, се наведува во соопштението.

Смртта на Годофредо Кастро во моментов е под истрага, а американските власти сè уште не објавија официјални детали за околностите што доведоа до трагедијата. Кастро е роден во јули 1987 година во Форталеза, Бразил.

Од 2012 до 2018 година, тој се натпреваруваше во УФЦ, каде што се бореше 11 пати против познати противници како Андре Фили, Шејн Бургос и Мирсад Бектиќ.

По напуштањето на УФЦ, бразилскиот борец продолжи да се натпреварува во други MMA-организации низ целиот свет. Неговата последна борба беше во 2022 година, а ја заврши својата професионална кариера со резултат од 14 победи и 7 порази.

ИЗДВОЕНИ