Удира ослабената Ла Ниња: Што предвидуваат метеоролозите за наредните три месеци?

1

Светската метеоролошка организација (WMO ) денес предвиде дека ослабениот климатски феномен Ла Ниња би можел да влијае на глобалните временски услови во текот на следните три месеци.

Иако влијанието на Ла Ниња подразбира привремен пад на температурите во централниот и источниот Пацифик, се очекува многу региони да доживеат потопло од вообичаеното време, зголемувајќи го ризикот од поплави и суши што би можеле да влијаат на посевите, објави Ројтерс.

WMO  соопшти дека постои 55 проценти веројатност дека ослабениот феномен Ла Ниња би можел да се случи помеѓу овој месец и февруари следната година.

Во средината на ноември, океанските и атмосферските индикатори укажуваа на таков развој на настаните, се додава во соопштението.

Ел Нињо веројатно нема да се случи

Метеоролозите додадоа дека веројатноста за неутрални временски услови од јануари до март следната година е 65 проценти, а 75 проценти за периодот од февруари до април.

Светската метеоролошка организација, исто така, предвиде дека е малку веројатно да се случи природниот климатски феномен Ел Нињо, кој ги поттикнува тропските циклони во Тихиот Океан и ги интензивира врнежите од дожд што носат поплави во делови од Америка и пошироко.

Сезонските прогнози и нивното влијание врз времето би можеле да значат милиони долари заштеда за земјоделскиот, здравствениот и транспортниот сектор, додаде СМО, а подготовките за предвидените временски услови потенцијално би спасиле илјадници животи, објави Ројтерс.

ИЗДВОЕНИ