вторник, февруари 24, 2026
Дома СКОПСКА Училиштето во Долно Лисиче ќе добие спортска сала 

Училиштето во Долно Лисиче ќе добие спортска сала 

81

По 70 години од изградбата, ООУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче ќе добие спортска сала. Премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука – Весна Јаневска, како и в.д. градоначалникот на Општина Аеродром – Дејан Митески вчера го поставија камен-темелникот на овој објект во кој ќе спортуваат над 200 дечиња.

– Овие деца во минатото немаа соодветни услови за спортување и за реализирање на предметот Физичко и здравствено образование. Спортската сала, која ќе биде на површина од 650 квадратни метри, се гради со финансиска поддршка од Министерството за образование, во износ од 30 милиони денари – информираше Митески.

Тој додаде дека градежните работи ги изведува фирмата „Гранит“ и се очекува тие да бидат завршени за не повеќе од 10 месеци. Освен тоа, Митески најави дека со владина поддршка ќе се реконструира и водоводната мрежа во Долно Лисиче.

Оваа сала, освен за одржување на редовната настава во рамките на училиштето, ќе претставува и место каде што жителите на Долно Лисиче ќе може да тренираат и да се запознаат со различни спортови за што досега одеа во други населби.

– Трчањето релаксира, шутирањето кон голот дава концентрација и самодоверба, а групните игри развиваат планирање, критичко мислење и, секако, покрај физичката активност, физичкото нуди и психична стабилност – истакна Јаневска.

Таа информираше дека Министерството во моментов вложува околу 2 милијарди денари за подобрување на инфраструктурата во училиштата, во соработка со Владата и со локалните самоуправи.

Мицкоски нагласи дека е среќен што е поставен камен- темелник на еден објект што ќе биде место каде што повеќе од 200 дечиња ќе спортуваат, ќе се дружат и ќе го градат својот дух.

– Јас сум сигурен дека колку повеќе вакви објекти и корисници на вакви објекти ќе имаме толку поздрав дух и толку понапредно општество ќе имаме, општество што ќе биде дом за сите – нагласи Мицкоски.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ