Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, нагласи дека се обезбедени учебници за сите ученици и оти тоа повеќе нема да биде предмет на дискусија и оти се направени крупни инвестиции во инфраструктурата онаму каде што било најнеопходно, а најави и дека инвестициите во подобри училишта и спортски сали ќе продолжат во периодот што следува. Таа заедно со премиерот, Христијан Мицкоски, и со градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вчера го посетија основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, каде на првачињата им доделија ранчиња, униформи и нови учебници. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак, и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваа на првиот училиштен час во најновото училиште во Скопје, „Киро Глигоров“
Училишното ѕвонче денеска го означи почетокот на новата учебна година, а во училиштата повторно се вратија детската радост, среќа, љубопитност и натпреварувачка атмосфера. За првачињата тоа е нов предизвик, бидејќи првпат седнуваат во училишните клупи и се среќаваат со нова одговорност.
Во чест на почетокот на учебната 2025/2026 година, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, и со градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, го посетија основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, каде на првачињата им доделија ранчиња, униформи и нови учебници.
Јаневска на сите ученици им посака среќен почеток и посочи дека Владата и МОН заедно со другите надлежни институции и локалните самоуправи се погрижиле да бидат обезбедени сите услови за добар старт и квалитетна настава. Нагласи дека се обезбедени учебници за сите ученици и оти тоа веќе нема да биде предмет на дискусија и дека се направени крупни инвестиции во инфраструктурата онаму каде што било најнеопходно, а најави и дека инвестициите во подобри училишта и спортски сали ќе продолжат во периодот што следува.
– Започнува образованието за вештачка интелигенција. Се воведува формално образование за учениците кои се на подолго болничко лекување, а зголемен е бројот на образовни асистенти во основното и по прв пат се воведува образовна асистенција и во средното образование. Во употреба е пуштен и нов електронски дневник, кој веќе нема да ја попречува работата на наставниците. Останува на учениците да учат, да истражуваат, да прашуваат, да наоѓаат и да споредуваат извори на знаења и информации и, секако, да градат пријателства со своите врсници. А на наставниците, кои се столбот на образованието, заедно со родителите и старателите на учениците, останува да продолжат да им го трасираат патот кон успехот на новите генерации и да ги учат на вистинските вредности – изјави Јаневска.
Таа повикува на сплотеност во градењето на училишта исполнети со знаење и почит и на средина во која младите ќе сакаат да останат и да го вложат својот потенцијал. Затоа што, како што нагласи таа, во училиштата денес се гради иднината на Македонија.
Премиерот Мицкоски им порача на учениците да учат и да придонесат за двете многу значајни вредности, а тоа се семејството и татковината.
– Убеден сум дека наставниците ќе ги пренесат на вистински начин, во вистински дух, а тоа што ќе го научат првоодделенците сега, ќе го практикуваат целиот свој живот – истакна Мицкоски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски се пофали со низа инвестиции во образованието и проекти за модернизација на образовната инфраструктура, меѓу кои: компјутери за наставниците, униформи за учениците, смарт-уреди и пречистувачи на воздух во секоја училница, нови спортски терени и сали, како и фотоволтаици кои овозможуваат производство на електрична енергија во училиштата.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак, заедно со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваа на првиот училиштен час во најновото училиште во Скопје, „Киро Глигоров“.
– Училиштето „Киро Глигоров“ е едно од новоизградените училишта за време на мандатот на СДСМ. Вложувавме многу во образованието, изградивме и реконструиравме повеќе од 80 училишта. Направивме значајна инвестиција во платите на наставниците, никогаш дотогаш не се зголемиле во толкав процент – преку 50 отсто, нешто што сега сериозно недостасува – рече Филипче.
Како позитивна ја оцени состојбата со училиштата на територија на цела држава и за тоа дека сега навреме има обезбедено учебници по сите училишни предмети и рече дека секоја добра политика и сè што е добро треба да се пофали и не треба само критика. Тој додаде дека има сериозни забелешки во делот на грижата за наставниците.
Градоначалникот Герасимовски информираше дека од оваа година, покрај многубројните активности, Општина Центар сама обезбеди бесплатни униформи за сите 4.900 основци, бесплатни ранци и училишни прибори за 541 првачиња. Се пофали дека летниот распуст бил искористен за варосување, реконструкција на тоалети, на спортски и свечени сали во центарските училишта.
Герасимовски рече дека се забележува одредено намалување на бројот на првачиња, но тоа не е алармантно како во другите општини. Појасни дека Општина Центар има доволно капацитети и дека во минатото запишувала ученици кои се од други општини, но тука работеле родителите, имале потреба и барале тука да ги запишат своите деца. Оваа година, како што рече, тоа е забрането, со препораките од МОН не се запишуваат деца од други општини.
Пригодни свечености по повод почетокот на учебната година денеска се одржаа во сите училишта во сите општини низ државава.
(А. П.)