И додека Скопје мака мачи со сообраќајот и со уредувањето на улиците, Париз веќе приспособи 300 улици во близина на училиштата и на градинките за да може децата безбедно да стигнат на училиште. Групата скопски велосипедисти „На точак“ го посочи овој пример како  воспримлив и како можност да им се стави крај на маките на пешаците и кај нас. Од „На точак“ велат дека овие улици во Париз се пријателски за децата и дека целта е да се зголеми безбедноста, да се намали локалното загадување од сообраќајот околу училиштата, како и да се добие повеќе простор за зеленило, шетање, игра

Скопје е заглавено во сообраќаен метеж, окупирани тротоари од возила и блокирани велосипедски патеки.

И додека возачите нервозно стојат со своите автомобили во колони што едвај се движат, а несовесните возачи ги оставаат возилата кој каде ќе стигне, зафаќајќи ги и тротоарите, пешаците, особено децата, се изложени на опасност да одат по коловозите за да стигнат во училиште.

Ова е сериозен проблем на кој е укажувано повеќе пати, но надлежните, изгледа, не го сфатија сериозно, па и до ден-денес не зафатија со негово решавање.

И додека Скопје мака мачи со сообраќајот и со уредувањето на улиците, Париз веќе приспособи 300 улици во близина на училиштата и на градинките за да може децата безбедно да стигнат на училиште.

Групата велосипедисти „На точак“ го посочи овој пример како  воспримлив и како можност да им се стави крај на маките на пешаците и кај нас.

– Сменете ја улицата и ќе го смените светот во кој растат децата! Во каков свет сакате да растат децата? Во безбеден, удобен, приспособен на нив, креативен или во непријателска средина за нив, свет со повеќе ленти за коли и со повеќе паркинг-места? Па дури и по тротоари? Сериозно? Таков јавен простор им нудите – им се обраќаат скопските велосипедисти на надлежните.

Од „На точак“ велат дека овие улици во Париз се пријателски за децата, а целта е да се зголеми безбедноста, да се намали локалното загадување од сообраќајот околу училиштата, како и да се добие повеќе простор за зеленило, шетање, игра.

Додаваат дека имаме позитивни примери кон каде треба да се движат градовите во 21 век, но дека ние сме заглавени во маѓепсаниот круг на автоцентричност, безидејност, популизам…

– Како експеримент, како дел од ублажувањето на карантинот за борба против загадувањето, подобрувањето на квалитетот на воздухот и озеленувањето на градот, „училишните улици“ се множат во Париз. Овие пешачки улици имаат цел да го направат патувањето на децата до училиште побезбедно и да им обезбедат поголеми простори за играње – децидни се од „На точак“ .

Инаку, околу одредени градски улици може да се видат знаци што ги означуваат „училишните улици“. Оваа иницијатива е дел од напорите за подобрување на безбедноста околу училиштата и за борба против загадувањето на воздухот. Просторот ослободен од автомобилите овозможува озеленување на градот, игра, прошетки итн.

До почетокот на учебната година во септември 2025 година, во Париз се приспособени 300 улици на кои нема сообраќај или половина од сите градинки и основни училишта, вклучувајќи и 100 улици што се уредени и озеленети.

„Училишните улици“, всушност, се пешачки, во близина на градинките и на основните училишта. Се поставуваат подвижни бариери онаму каде што е можно. Тие дозволуваат премин на возилата за итни случаи и на оние на службите (собирање отпад од домаќинствата итн.), но забрануваат премин на моторни возила.

Пешаците имаат предност на целиот пат.

Некои „училишни улици“ се со специфична програма за развој, со светло обоени пешачки патеки и, каде што е технички можно, големи, отворени, зелени површини со садење дрвја.

Овие развојни проекти помагаат да се намалат ноќните топлински острови. Оваа зима, според  плановите, во Париз ќе се создадат околу дваесет нови улици.

Да се надеваме дека новото градско раководство ќе ја земе предвид оваа убава иницијатива за доброто на граѓаните, пред сè на најмладите.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ