– Нашето дете, Владимир Грчев, донесе злато од Европската информатичка олимпијада и ја направи Македонија горда пред цела Европа. Зад оваа голема победа стојат години труд, пожртвуваност и безброј часови посветеност. Но најважно, стојат неговата љубов кон знаењето и вербата дека ништо не е невозможно. Како родители, преплавени сме од радост и гордост. Владимир не е само наше дете туку и светлина и инспирација за сите млади што сонуваат големи соништа, објавија гордите родители, Васил и Анита Грчеви

Ученикот Владимир Грчев од ООУ „Братство“ во Карпош стана европски шампион по информатика. Убавата вест за ова наше дете со делчевски корени ја споделија неговите родители, Васил и Анита Грчеви, на „Фејсбук“.

– Срцето ни е полно – нашиот син, Владимир Грчев, е европски шампион со златен медал по информатика. Нашето дете донесе злато од Европската информатичка олимпијада и ја направи Македонија горда пред цела Европа. Зад оваа голема победа стојат години труд, пожртвуваност и безброј часови посветеност. Но најважно, стојат неговата љубов кон знаењето и вербата дека ништо не е невозможно. Како родители, преплавени сме од радост и гордост. Владимир не е само наше дете туку и светлина и инспирација за сите млади што сонуваат големи соништа – напишаа гордите родители.

Златниот медал не е случаен. Владимир и минатата година учествуваше на Европската олимпијада по информатика за јуниори во Молдавија, од каде што се врати со бронзен медал во конкуренција со 104 натпреварувачи од 28 земји. Тој, исто така, лани освои бронзен медал на Балканската јуниорска олимпијада по информатика, во конкуренција со учесници од 14 балкански земји.

Владимир со родителите Васил и Анита

– Минатата година, како ученик во ООУ „Братство“ во Карпош, Владимир Грчев испиша историја – постигна низа блескави успеси. Стана државен првак по информатика, освои златни медали на Македонската јуниорска олимпијада по информатика и по математика, како и сребрен медал на Балканската математичка олимпијада за млади. Откако стана ученик во нашето училиште, стана првенец на генерацијата. Денес гордо можеме да кажеме дека со неговите успеси блеска и нашето училиште, бидејќи во националните тимови е пласиран како ученик од ООУ „Братство”, под менторство на наставничката Ана Дионисиева. Нема сомнеж дека ќе продолжиме да им се радуваме на неговите идни победи, со кои ќе ги направи горди нашата општина и нашата татковина. Браво, Владимир – ти си наша инспирација! – напишаа на „Фејсбук“ од ООУ „Братство“ – Карпош.

Тој уште од мали нозе покажувал интерес за математиката, информатиката и за програмирањето. Место со играчки, цело време поврзувал и спојувал стари апарати, како радија, телефони и стари телевизори. На тригодишна возраст собирал и одземал, а веќе на четири години почнал да пишува.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ