Учениците во православното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ и во средното исламско училиште „Иса Беу“ се изедначуваат со оние во јавните средни училишта. Ова е содржано во новопредложениот закон за установите за средно образование на верските заедници. Во текстот на законот, кој е ставен на Енер за увид и предлози од јавноста, се наведува и тоа дека за општообразовните предмети, согласно со наставниот план, ќе се користат наставните програми за гимназиско образование утврдени од министерот за образование и наука.
– Наставните програми за предмети од областа на православната и на исламската теологија, историјата на религиите, верската етика и други сродни дисциплини, на предлог пд соодветното училиште, се усвојуваат со акт на основачот. Средствата за финансирање на дејноста на верските училишта (православното богословско училиште и средното исламско училиште) се обезбедуваат од средствата на основачите и од други извори, во согласност со закон. Учениците имаат право да полагаат државна матура – се наведува во законските одредби.
Заменик-претседателот на Владата, Изет Меџити, денеска објави дека прашањето за медресата „Иса Беу“, конечно, се решава со посебен закон, со што, како што рече, им се става крај на тридецениските политички манипулации. Уставниот суд во април ја укина претходна одлука на Владата за давање одобрение за основање приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ во скопското село Кондово, донесена на 26 март 2024 година.