среда, февруари 25, 2026
Дома СКОПСКА Учениците од училиштето „Владо Тасевски“ произвеле најмногу компост

Учениците од училиштето „Владо Тасевски“ произвеле најмногу компост

28

Основното училиште „Владо Тасевски“ ја освои првата награда на јавниот оглас што го објави Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош, за најголемо количество произведен компост во општинските основни училишта на територијата на локалната самоуправа.

За најдобро постигнатиот резултат, ова училиште доби парична награда од Општината во висина од 50.000 денари. Второто место го освои ООУ „Братство“, кое доби награда во висина од 30.000 денари, додека ООУ „Петар Поп Арсов“ заврши на третата позиција, освојувајќи 20.000 денари.

– Оваа иницијатива ја реализира Секторот за екологија и енергетска ефикасност, согласно со годишниот краток акционен план за спроведување мерки и активности, дефинирани со ЛЕАП 3 за 2025 година. Согласно со условите дадени во јавниот оглас, во рамките на крајниот рок аплицираа пет основни училишта, и тоа: ООУ „Владо Тасевски“, ООУ „Братство“, ООУ „Димо Хаџи Димов“, ООУ „Петар Поп Арсов“ и ООУ „Јан Амос Коменски“ – информираа од Општина Карпош.

Оттаму додаваат дека по разгледувањето на апликациите и посетата на терен, Комисијата извршила бодување според критериумите за квалитет на произведениот компост (дали содржи тој органски материи и во која количина) и според времето за произведување на компостот.

Според општинските власти, целта на овој проект е Општината да ги стимулира основците да селектираат органски отпад, со што ќе се влијае за намалување на отпадните маси во природата (како, на пример, овошје, зеленчук и слично).

– На овој начин се создаваат и здрави еколошки навики кај младите карпошани, кои потоа ќе ја употребат компостираната маса за облагородување на училишните дворови, односно за садење цветна флора и друг вид растенија – нагласуваат од локалната самоуправа.

 

ИЗДВОЕНИ