Учениците од училиштето „Иднина“ од септември времено ќе учат во друг објект

19

Учениците од основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ во Чаир од септември времено ќе посетуваат настава во просториите на државното средно училиште за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“ во Центар, каде што за оваа цел, со поддршка од Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО), ќе се адаптираат и реконструираат простории што не се употребувале досега.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска и претставниците на раководството на МАТТО, предводени од претседателот на Управниот одбор на Комората, Ајдован Адемоски, заедно со директорот на училиштето потпишаа договор за донација врз основа на кој ќе се реализираат градежните работи.

Јаневска рече дека Владата сериозно пристапува кон надминување на бројните наследени предизвици во образованието и дека решенијата полесно се наоѓаат и остваруваат со поддршка од партнерите и од соработниците, меѓу кои е и МАТТО, која, во оваа ситуација, одвојува 100 илјади евра.

– Комората ќе помогне во реновирањето и адаптирањето на простории во ова училиште, со цел до септември да бидат оспособени за привремена настава и образование на учениците од основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ во Општина Чаир, кое е во катастрофална состојба. Бидејќи претставува ризик за здравјето и за животот на децата и на вработените, објектот е затворен и се планира изградба на нов – рече Јаневска.

Таа информираше дека околу 70 редовни основци од „Иднина“ и 130 со кои се работи по индивидуални програми ќе имаат пристап до безбедно и квалитетно образование од септември и дека наставата во адаптираните простории ќе се одвива во две смени. Јаневска апелираше општествената одговорност на МАТТО-комората да биде пример што ќе го следат и другите комори, организации и здруженија, затоа што, како што посочи, развојот на образованието треба да биде заедничка општествена мисија од чие остварување сите имаме корист.

Претседателот на Комората, Ајдован Адемоски, рече дека сите деца заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование и дека особено внимание треба да им се посвети на учениците со попреченост за да го достигнат својот полн потенцијал.

ИЗДВОЕНИ