Со поставување камен-темелник, денеска почна изградбата на нова спортска сала во ООУ „Блаже Конески“, во Општина Аеродром.
На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, како и министерот за надворешни работи и надворешна трговија и поранешен градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Освен тоа, во фокус беше и втората фаза од доградбата на нови простории во ова основно училиште, чија вредност изнесува околу 253 милиони денари, а рокот за изведба е 18 месеци.
Доградбата опфаќа 10 нови училници, библиотека, просторија за заеднички активности, партерно уредување на целиот двор на училиштето со нова урбана опрема, ново отворено спортско игралиште, садници и зеленило. Потоа, нова опрема за училиштето – клупи, столчиња, плакари, табли и слично. Предвиден е и нов паркинг за потребите на училиштето.
Премиерот Мицкоски истакна дека, како Влада, ќе направат сѐ за да обезбедат услови што ќе бидат достојни за следење на наставата и за стекнување знаење.
– Јас сум убеден дека ќе продолжиме да реализираме ваков вид проекти и во годините што следуваат, онаму каде што е потребно, бидејќи децата се најважната работа. Убеден сум дека како што ќе минуваат годините така ќе биде потребен ваквиот вид проекти поради новите политики на оваа Влада, а тоа е семејната политика, сето она што претставува семејна вредност – посочи Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, рече дека станува збор за значаен капитален проект.
– Ова е еден значаен проект што ќе овозможи најмодерни и најсовремени услови за учениците во овој дел на Општина Аеродром – нагласи Митески.












