До крајот на август ќе биде целосно завршена изградбата на спортската сала во ООУ „Кочо Рацин“ во населеното место Огњанци, Општина Петровец. Овој проект ќе им овозможи на учениците да ја започнат новата учебна година во современи услови за физичка активност и спорт.
– Учениците од Огњанци ќе ја започнат новата учебна година во нова, современа спортска сала. Средствата во висина од 19 милиони денари се обезбедени преку буџетот на Општина Петровец и Министерството за образование и наука – изјави градоначалникот Борче Митевски.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, нагласи дека Владата вложува во инфраструктурата на образовниот систем, со фокус на физичката активност на учениците.
– Физичката активност е од исклучително значење за концентрацијата и за успехот на учениците. Продолжуваме со инвестиции во спортски сали, енергетски ефикасни објекти и во фотоволтаични панели – истакна Јаневска.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека проектите се дел од заложбата на Владата за подобрување на квалитетот на животот.
– Добро е кога се гради, кога се развива. Силно верувам дека ќе продолжиме во оваа насока, заедно со градоначалниците, кои ја имаат довербата на граѓаните – рече Мицкоски.
По увидот во спортската сала во Огњанци, делегацијата се упати во населеното место `Ржаничино, каде што се работи на изградба на три улици. Проектот е вреден 350 илјади евра, финансиран од Министерството за транспорт.
Последна точка при посетата беше Катлановска Бања, каде што се врши асфалтирање на локалниот пат до Градманци, во должина од 2.400 метри. Средствата во висина од 200 илјади евра се обезбедени преку Владата, од унгарскиот кредит.