Збратимените основни училишта „Владо Тасевски“ од Карпош и „Хасан Приштина“ од Чаир, кои се дел од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, денеска ја чистеа пешачката патека покрај булеварот „Партизански одреди“ во населбата Карпош 3.
Во таа насока, Општина Карпош обезбеди финансиски средства, кои ООУ „Владо Тасевски“ ги намени за купување хигиенски средства и опрема за чистење.
Учениците и наставниците ја спроведоа акцијата по повод одбележување на Меѓународниот ден за чистење на планетата Земја.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ги посети учениците и наставниците што работеа на терен.
Тој ја поздрави нивната иницијатива со која тие директно влијаат на подигнувањето на свеста на граѓаните за одржување здрава и чиста животна околина.
– Пред сè, ја поздравувам добрата соработка што ја имаат овие две основни училишта, кои се здружија и ја реализираа оваа еколошка акција. Покрај тоа што ни покажаа учениците колку се вредни и совесни, јас навистина се гордеам со сите нив, бидејќи најмладите испратија порака до пошироката јавност како треба да се однесуваме сите ние кон животната средина во која живееме – заклучи Јакимовски.