Убиени жени, нем систем

Македонија на врвот на европската црна листа по стапка на фемициди

59

Податоците за бројот на фемициди во Македонија на Генералниот директорат на Европската комисија задолжен за обезбедување на ЕУ со статистички податоци на европско ниво –„Евростат“, се застрашувачки. Вестите што секојдневно стигнуваат од полицијата и од Јавното обвинителство за убиена или натепана жена од страна на нејзиниот маж или пријател, само ја потврдуваат европската статистика, а тоа е дека земјава е на третото место по бројот на убиства извршени од семејно и родово базирано насилство. Според податоците за 2023 година, на милион жители се случиле вкупно 6 фемициди, пред нас се Литванија со 10 и на првото место по убиства е Латвија со 17.

извор Еуроњус

И домашната статистика потврдува дека случаите на фемицид во земјава се во пораст. Според МВР, за пет години, односно во периодот од 2018 – 2023 година се извршени вкупно 6.242 кривични дела за семејно насилство и тоа: убиство (33 дела), убиство во обид (14 дела), телесна повреда (3.792 дела), тешка телесна повреда (155 дела), присилба (38 дела), загрозување на сигурноста (2.179 дела), против правно лишување од слобода (29 дела) и посредување во вршење на проституција (2 дела). Капка надеж во оваа црна статистика е донесувањето на измените во Кривичниот законик кои се веќе во собраниска процедура, и според кои семејното насилство ќе се гони и по службена должност.

„Со предложените одредби содржани во предлог-законот се врши доусогласување со Истанбулската конвенција, преку редефинирање на кривичното дело „Телесна повреда“ од член 130 на Кривичниот законик со отстранување на гонењето по предлог во случаи кога делото е сторено при вршење родово-базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешките телесни или душевни пречки или бременост, со што овој облик на делото ќе се гони по службена должност согласно одредбите од Истанбулската конвенција“ стои во новиот КЗ, па така

Во член 130 став два „тој што ќе стори телесна повреда или ќе го наруши здравјето при вршење родово-базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешките телесни или душевни пречки или бременост, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, што значи дека нема да се чека жената жртва на семејно насилство да го тужи насилникот, кривична пријава ќе поднесува полицијата.

Македонија е меѓу првите во регионот која го воведе фемицидот како посебно кривично дело во Кривичниот законик. Судските пресуди за ова дело, според практиката, се доживотен затвор, а обвинетиот го признава делото уште на првото рочиште. Меѓутоа, она што се покажа како слабост во случајот со фемицидот врз девојката од Велес, Росица, е дека системот затајува уште кога е во прашање препознавањето на почетното насилство – вознемирување, демнење, психичко малтретирање што многу често е проследено со закани по животот на жртвата и на нејзините блиските.

Зад нас, на европската листа, се БиХ со 5 фемициди, па Австрија, Велика Британија и Украина со 4 убиства на еден милион жители. Во Малта нема ниту еден фемицид, а со ниска стапка се и Грција и Црна Гора, со по еден случај на милион жители. Според податоците на „Евростат“, во ЕУ стапката на убиени жени од нивните партнери е 4 жени на милион жители додека за мажи е двојно помала и е 2,2 мажи на милион жители.

Европските држави преку своите законодавни тела носат мерки за намалување на случаите, така Франција покрај заштитата на жените од физичко насилство, планира заштита  и од други видови контрола, како што се затворање на банкарски сметки, ГПС-следење и онлајн следење. Шпанската влада направи сличен потег во септември со нацрт-закон за таканареченото индиректно насилство врз основа на пол; со други зборови, злонамерни дела извршени за контрола или заплашување на жртвата.

На Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, на 25 ноември, ОН ги нарекоа ваквите напади врз жените „глобална епидемија“. Организацијата соопшти дека минатата година, „на секои 10 минути, партнерите и членовите на семејството намерно убивале жена“. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ