Јосип Оршуш (40), кого полицијата го бараше по убиство и ранување во населбата Ситнице во северна Хрватска, е уапсен во Словенија, соопшти локалната полиција, пренесе „Индекс.хр“.
Словенечката полиција го уапси во општина Чреншовци, а тој моментално е во притвор во Полициската управа Мурска Собота, потврди началникот на Секторот за криминалистичка полиција, Бојан Роус. Полицијата во Чаковец веќе подготвува налог за негова екстрадиција во Хрватска, објави 24ur.
Според Бојан Роус, апсењето следело откако очевидец го препознал бегалецот и веднаш ги известил властите. Полициските патроли брзо интервенирале во областа Чреншовци и го уапсиле осомничениот. Мажот сега е задржан во притворскиот центар на Полициската управа Мурска Собота, каде што чека понатамошна постапка и екстрадиција.
Оршуш застрелал 28-годишна и 29-годишна жена во населбата Ситнице во близина на Мурско Средишќе, а според локалните медиуми, станува збор за сестри, од кои помладата, бремена мајка на три деца, починала во болницата во Чаковец. Втората жена, партнерката на Оршуш, претрпела сериозни, животозагрозувачки повреди.
Во петокот, словенечката полиција пронајде автомобил во кој Оршуш избегал во Словенија, во близина на градот Раскрижје. Убиството се случило во населба со претежно ромско население. Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека најверојатно станува збор за уште еден случај на фемицид и потврди дека убиената жена извесно време била во безбедна куќа поради семејно насилство.












