Во Тиват, на црногорскиот јадрански брег!
Легендарниот Дадо Топиќ не го криеше своето огромно задоволство. Тој дури на моменти го споредуваше дуетот со Ана со оној некогашен и незаборавен со славната Слаѓана Милошевиќ, кога ја испеаја култната песна „Ти си принцеза негде изван планета“. – Оваа песна „Небо“ ми се допадна на прва топка. Гласот на Ана е реткост во денешното време – вели Дадо
Еден од најпопуларните летни забавно-музички фестивали што се одржуваат на јадранскиот брег (покрај „Сплитскиот“ и „Мелодије Јадрана“) е оној што се одржа викендов, во црногорското монденско летувалиште Тиват. Овој фестивал е релативно млад, постои само неколку години, а веќе стана многу популарен. И оваа година на фестивалската сцена настапија многу познати и нивни домашни црногорски пејачи и групи, но и многу познати од поранешните југословенски републики.
Па така, како претставничка на Македонија, во Тиват пееше талентираната Ана Петановска, во дует со легендарниот хрватски рокер Дадо Топиќ (Адолф Топиќ како што му е вистинското име на рокерот од групата „Тајм“). Тие двајца ја освоија публиката, а со тоа и првата награда, „Златен бисер“ за дуетската песна „Небо“. Да бидеме искрени, главен „виновник“ за овој успех беше добро познатиот македонски, а и пошироко, балкански композитор Григор Копров. Тој ја напиша музиката за победничката песна, текстот е на самиот Дадо Топиќ, а аранжманот е дело на Стефан Петановски, братот на Ана.– Ех, прва награда, мили луѓе! Која радост! Емоциите се насекаде – и во мене и околу мене. Ви благодарам на сите од сè срце за несебичната поддршка. Огромна благодарност до фестивалот, до Дадо Топиќ, до Григор Копров за искрениот ветар во грб што ми го дадоа – изјави Ана Петановска по прогласувањето на победата.
Ниту легендарниот Дадо Топиќ не го криеше своето огромно задоволство. Тој дури на моменти го споредуваше дуетот со Ана со оној некогашен и незаборавен со славната Слаѓана Милошевиќ, кога ја испеаја култната песна „Ти си принцеза негде изван планета“. Дека е вистина тоа, потврдува и нивниот настап на минатогодишното издание на „Охрид-фест“, кога феноменално го испеаја овој ју-евергрин.
– Песната „Небо“ ми се допадна на прва топка. Гласот на Ана е реткост во денешно време, на овие наши зовриени и естрадни и географски простори – радосно коментира Топиќ.
Инаку, музичката соработка меѓу Дадо и Копров е само логично продолжение на нивната плодна работа, која започна на македонскиот „Охрид-фест“, пред некоја година. Хрватскиот музичар минатото лето прослави 60 години кариера токму во Македонија, на охридскиот фестивал. Тогаш се закити со специјално-официјалната награда за безвремената песна „Тамо гдје вјечно сунце сја, тамо је Македонија… земља и народ које волим ја“.
По величествениот настап на охридската сцена, тој беше срдечно и лично поздравен од македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давковa, која беше присутна во публиката, како почесен гостин на фестивалот и на директорот Григор Копров.
Така што и ова лето, на 29 август, Дадо Топиќ ќе пее на „Охрид-фест“, во дует со Ана, победничката на фестивалот во Тиват. Уште една причина повеќе да му се радуваме на охридскиот интернационален фестивал, кој, традиционално, покрај многубројните попопуларни пејачи, достоинствено ги нагостува и многубројните акредитирани новинари. Фестивалот во Македонија ќе биде директно пренесуван на фреквенцијата на телевизија „Алфа“, како и на неколку балкански телевизии од Босна, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Србија.
(Д. М.) фото: архива