Гевгеличанката Зорица Божинова е првата жена со лиценца за машиновозач во Репблика Македонија официјално вработена во МЖ „Транспорт“. Како дете сонувала да биде или пилот или машиновозач. Сепак, завршува средно образование во СУГС „Владо Тасевски“ во Скопје за машиновозач за дизел и електрични влечни возила. Потоа поминала три месеци практика во депо, а откога го завршила тој дел, три месеци била на пруга како трето лице – помошен машиновозач.

Кога го завршува и тој дел, на 11 декември 2018 го положила испитот за лиценца, кој се состои од два дела за проверка на знаење, но лиценцата, не знае од кои причини, ја добива дури во март 2019. Оттогаш почнуваат деновите на исчекување. Цели шест години таа чека да ја примат на конкурс за машиновозач, поминува низ долги премрежиња, за да конечно од 22 јуни 2025 Зорица е официјално примена на работа во МЖ „Транспорт“ во Гевгелија.

Во депото на Железничката станица во Гевгелија, за весникот ВЕЧЕР го направивме  првото интервју со Зорица Божинова, на нејзиниот прв работен ден. Ја почекавме да ја запре локомотивата и се качивме во кабината

*Зорица, како ти помина овој твој прв работен ден?

– Првиот работен ден ми беше возбудлив и среќен, возбудлив затоа што едно е теорија а друго е практика, да седнеш зад управувачот на машина која тежи неколку тони, а среќен затоа што мојот детски сон ми се оствари.

Со мојот ментор  вежбав стартување на локомотивата, правев маневар со неа, ги разгледував колосеците на железничката станица Гевгелија, со еден збор ги вежбав почетните чекори, како кога едно мало дете учи да оди.

*Од каде кај тебе љубовта кон оваа професија?

– Ја засакав оваа професија од едноставна причина што мојот татко е вработен веќе три децении во железница, насекаде патувавме токму со воз, патувавме низ земјите на Балканот, а јас уживав да се возам во кабината каде што беше машиновозачот. Како малечка сонував и јас еден ден да бидам машиновозач. И, еве сонот ми стана стварност.

*Како гледаа твоите соученици во СУГС „Владо Тасевски“ на тебе, како единствена девојка во класот?

– Мора да признам, на почетокот им беше чудно, од каде сега во ’машкиот’ свет на машиновозачи сака да влезе и една девојка. Но, со време ја видоа мојата љубов и огромната желба за да бидам машиновозач, и потоа немаше никакви проблеми.

*За лиценца положи на 11 декември 2018 година, и веднаш аплицираше на конкурс кој беше распишан за машиновозач, но за жал, не беше примена?

– Да, излезе конкурс на кој се јавив, зашто бараа во подружницата Гевгелија три извршители, помошник-машиновозач – приправник. Но, не ме примија. Се чини, родовите бариери во Македонија тешко се рушат. Изговорот беше дека не знаат како би функционирала една мајка со дете на ваква тешка работна позиција. А, еве сега кога го правиме интервјуто, јас имам второ дете, од десет месеци кое сè уште го дојам, па еве, тоа не ми смета. Затоа оние што во 2019 година ме одбија на конкурсот, ги повикувам да дојдат и на самото место да се уверат дека може да се функционира и како мајка и како машиновозач. Сметам дека  жените можат рамноправно со мажите да ги извршуваат таканаречените машки професии. Доволно сме еманципирани за да не бидеме само домаќинки, туку да извршуваме и други работи. Во последно време ние жените го докажуваме токму спротивното – возиме автобуси, работиме во одбрана и полиција, како пожарникари, пилоти и, еве како мене – машиновозачи.

*Имаше опасност твојот детски сон да не ти се оствари, бидејќи едно време помислуваше да заминеш за Германија. Зошто не замина?

– Токму така, бев разочарана што не го работам она што го сакам. Размислував да одам за Германија, но, се откажав. Прво, затоа што дома си е дома, како Македонија нема друга на светот, сè уште во неа има емпатија и човечност меѓу луѓето. Второ, ако сакаш да работиш, и во Македонија се наоѓа работа, финансискиот мотив не ми беше во прв план. Додека чекав да ме примат во „Транспорт“, работев за скопска транспортна фирма. Јас сепак сакав да сум вработена во Македонија, зашто колку и да се тешки проблемите со вработувањето и со стереотипите, мора некој прв да ги сруши овие бариери. Се радувам што и јас сум една од тие. Се радувам и што Македонија напредува на полето на родовата еднаквост и жените сѐ повеќе се инволвирани во некогаш машките професии.

*Имаш ли поддршка од твоите дома?

– Секако, без нив не би можела да ги издржам сите овие години очекувајќи вработување во Македонски железници. Мојот сопруг е возач на камион и сосема ме разбира. Цело време имам поддршка од целото мое семејство. Сега имам две деца и едното девојче почнува да наликува како мене, кога бев малечка, многу сака возови, уште од три години покажува радосна возбуда кога ќе види воз.

Ја оставивме Зорица да вежба со својот ментор, ѝ посакавме добро здравје, на неа и на нејзиното семејство. Таа четири месеци ќе биде приправник, а потоа ќе  полага за второ лице машиновозач. По три години ја очекува уште еден испит, кога конечно ќе стане машиновозач. А ние имаме порака до надлежните во институциите, секој млад човек да го ценат по неговите квалитети што ги поседува, и во нашата држава конечно да се стават на прво место квалитетите на поединецот, и тоа да биде единствениот критериум за вработување.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ