Убава вест за почетокот на следната учебна година: Нема да се учи од стари и оштетени книги, од септември ганц нови за секој ученик 

1366

Повик до основните и до средните училишта да ги пријават сите оштетени учебници по разни предмети упати министерката за образование, Весна Јаневска. На прес-конференцијата со директорот на Педагошката служба, Роберт Аџипетров, беше кажано дека сите пријавени учебници кои се непогодни за учениците поради различни оштетувања, без проблем ќе бидат заменети. Досега, на крајот на оваа учебна година, според податоците, за замена се пријавени 18.375 оштетени учебници, но пријавувањето е можно и во следниот период.

-Деновиве примаме многу поплаки од родителите проследени со слики кои наведуваат дека училиштата им даваат употребени, но и оштетени учебници на учениците, од кои некои се и со поголеми оштетувања. Ги информирам и родителите, наставниците и учениците дека има законска обврска со која оштетените учебници треба да се заменат. Секое училиште треба да формира комисија која ќе ги евидентира и ќе ги пријави за замена до МОН и што ќе биде извршено – најави Јаневска.

Таа додаде дека проблемот се појавувал и во изминативе години, но не бил решаван. Замената е потребна за да учениците не бидат демотивирани за учење со тоа што на учебниците ќе им фалат страници или нема да може да се прочитаат лекциите.

Директорот на Педагошката служба, Роберт Аџипетров, рече дека на крајот на оваа учебна година имало за трипати повеќе пријавени оштетени учебници.

-Пријавување на оштетени учебници се вршеше во текот на мај и тој рок го продолживме. Во претходната учебна година беа пријавени околу 6.000 оштетени учебници, а сега трипати повеќе, односно, околу 18.000. Ако знаеме дека за учениците во основното и во средното образование треба да обезбедиме околу 570.000 учебници, без оние за стручно образование, тогаш процентот на оштетени учебници не е голем. Не би можел да кажам по кои предмети најмногу се оштетуваат учебниците, дали по математика или други предмети, но имаме увид и во тоа – рече Аџипетров.

Министерката потсети дека учебниците од прво до трето одделение секоја учебна година се печатат во полн тираж, па така ќе биде и оваа, со оглед дека станува збор за таканаречени „работни учебници“ кои содржат материја што се пополнува со пишување, боење и сечење.

-Нови учебници со надградена содржина ќе има и за седмо одделение, затоа што од септември започнува примената на нови наставни програми. Се сеќавате дека ја модифициравме Kонцепцијата за основно образование на претходната Влада, која предвиде интегрирање на предмети како историја и географија, хемија и физика во седмо. Ги одвоивме, на барање на пошироката јавност, а најмногу на барање на наставниот кадар и затоа имаме нови наставни програми и нови одобрени учебници кои наскоро влегуваат во процес на печатење – рече Јаневска.

Таа информираше дека за првпат по шест години, учениците во основните училишта ќе имаат учебници по сите странски јазици.

-Цели шест години не беа набавени учебници по англиски, француски, германски и така натаму. Како нова Влада, уште минатата година се заложивме да го спроведеме овој процес и ќе успееме да го завршиме. На 1 септември, за сите странски јазици во основните училишта ќе има нови учебници. Нови учебници по дел од предметите ќе има и во гимназиското и во средното стручно образование, рече Јаневска додавајќи дека ова е втора учебна година по ред во која ќе има навремена испорака на учебници, што не беше практика седум претходни години.

Таа информира дека реконструкцијата на студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу„ и „Стив Наумов“ во Скопје ќе заврши до крајот на годинава и ќе бидат на располагање во вториот семестар. (Б.Ѓ.)

Нема распуст за МОН

Годинава во МОН нема да користиме годишен одмор заради обврските, рече министерката Јаневска.

-Во текот на летото МОН ќе работи опсежно и обемно и нема да користи годишни одмори. За нас, де факто, најголемите обврски се во текот на овој период. Тоа се печатењето на учебниците, уписи во средни училишта, квотите на факултетите. Ние сме им на располагање на директорите и на наставниците ако имаат какви било потреби. Порака до учениците е распустот да го искористат за читање лектири и за совладување на несовладаниот материјал – порача министерката.

 

 

ИЗДВОЕНИ