Уапсените за грабежот во Лувр делумно ја признале вината: НАКИТОТ НЕ Е ПРОНАЈДЕН!

556
EPA/Mohammed Badra

Француските обвинители објавија дека двајца осомничени за спектакуларната кражба на кралскиот накит од Лувр во Париз признале дека се вмешани во грабежот и се во притвор. Украдениот накит сè уште не е пронајден.

Париската обвинителка Лор Бекуо потврди дека осомничените биле уапсени во саботата навечер и испрашувани 96 часа пред да бидат изведени пред истражен судија кој ќе одлучи дали формално ќе ги обвини за вооружен грабеж како дел од организирана група, кривично дело казниво со затвор до 15 години.

Еден од осомничените е 34-годишен Алжирец со претходно досие за сообраќајни прекршоци, кој бил идентификуван благодарение на трагите од ДНК пронајдени на скутерот што го користеле напаѓачите. Другиот, 39-годишник од париското предградие Обервилиер, работел како нелегален таксист и доставувач и бил познат на полицијата за сериозни кражби. Неговата ДНК е пронајдена на стаклото од витрината скршена за време на грабежот. Еден од мажите бил уапсен на аеродромот Шарл де Гол додека се обидувал да ја напушти земјата.

Петмина нови осомничени уапсени за спектакуларниот грабеж во Лувр, меѓу нив и „мозокот на операцијата“

Грабежот се случи на 19 октомври во галеријата Аполо, најлуксузната сала во Лувр, во која се сместени француските кралски скапоцености. Во седумминутниот упад, четворица маскирани напаѓачи влегле низ прозорец користејќи камионски кран, пробиле два безбедносни ормари и побегнале со девет предмети во вредност од околу 88 милиони евра. Меѓу украдените предмети биле смарагдна огрлица со повеќе од илјада дијаманти што Наполеон ѝ ја дал на својата втора сопруга, и накит од кралиците Мари-Амели и Хортенза.

Обвинителката Бекуо рече дека нема докази за вмешаност на вработените во музејот, но нагласи дека скапоценостите сè уште не се пронајдени.

„Сè уште се надеваме дека ќе бидат вратени во музејот и на нацијата. Овие предмети сега се непродажни и секој што ќе се обиде да ги купи ќе стори кривично дело прикривање украдена стока“, рече Бекуо.

Во потрагата по сторителите учествувале повеќе од сто истражители кои анализирале повеќе од 150 примероци од ДНК и предмети што крадците ги оставиле на местото на настанот – ракавици, шлем и рефлектирачки елеци. Двајца осомничени признаа за нивната вмешаност во грабежот, додека двајца бегалци се уште се на слобода.

ИЗДВОЕНИ